ОФМ: Очекуваме историски успех


 

Одбојкарите добија нов селектор. Србинот Љубомир Травица е назначен за наследник на Драгутин Балтиќ на клупата на македонската репрезентација која во текот на мај и на јуни ја очекуваат настапи во т.н. Сребрена европска лига. Ждрепката ги смести „црвено-жолтите“ во група со селекциите на Летонија, Австрија и на Косово. Во август оваа година и во јануари догодина, пак, и квалификации за Европското првенство во 2019 година против Украина, против Швајцарија и против Унгарија.

„Едно од најпознатите тренерски имиња во светот, Љубомир Травица, ќе ја предводи машката сениорска репрезентација на Македонија во квалификациите за Европското првенство и во Европската лига. Се надеваме на историски успех“, стои во објавата на одбојкарската репрезентација на Македонија на нејзиниот фејсбук-профил.

Травица е роден на 1 октомври во 1954 година во Ервеник, Хрватска. Според достапните информации на интернет, моментно е тренер на иранскиот прволигаш Шахрдари Урмија. Одбојкарската кариера ја почна во загрепски Младост и беше во репрезентацијата на поранешна Југославија на Летните олимписки игри во Москва во 1980 година.

По надминување на тогашната домашна сцена, се пресели во Италија каде што настапуваше за екипите на Панини Модена, Падова, Вимеркате и Бругерио. Првото тренерско искуство го имаше во 1991 година во тимот на Валдањо кој тогаш се натпреваруваше во Серија Б1. Водеше уште неколку различни клубови на Апенините пред да ја прифати понудата на Олимпијакос во 2002 година. Периодот од 2008 година до 2011 година го мина на кормилото на полска Ресовија Жежув.

Одбојкарското искуство што е акумулирано во него ќе биде добредојдено за најдобрите македонски одбојкари пред предизвици што следуваат. Првиот е атак на тронот во Европската лига, по што ќе следува и обид за обезбедување на место на континентален шампионат во што „црвено-жолтите“ досега не успеале. (С.Ѓ.Д.)