Отфрлени кривични пријави на СМК, ОЈО нема да ги гони Заев и Димитров за договорот


Обвинителството ги отфрли кривичните пријави на Светскиот македонски конгрес против премиерот Зоран Заев и шефот на дипломатијата Никола Димитров. Кривичните пријави се однесуваа на потпишувањето на договорот од Преспа.
Основното јавно обвинителство – Скопје, како што соопштија оттаму, ја отфрли на кривичната пријава против две лица поднесена од СМК, лани на 14 септември, за повеќе кривични дела – „повреда на угледот на државата“, „изложување на подбив на македонскиот народ и на припадници на заедниците“, „велепредавство“, „загрозување на независноста“, „здружување заради непријателска дејност“, „несовесно вршење на службата“ и „самовластие“. Заев и Димитров биле пријавени и за кривични дела – „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“ и „злоупотреба на службена положба и овластување“, за што, согласно законската надлежност, претходно се произнело Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Според СМК, како подносител на пријавата, делата биле извршени при склучувањето на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации. Тие, како што се наведува, постапиле спротивно на уставната обврска да го штитат уставниот поредок и суверенитетот, а со промена на идентитетот на нацијата ја загрозиле унитарноста и независноста и државата ја довеле во положба на потчинетост или зависност кон странска држава.
-По проучување на наводите во пријавата, надлежниот јавен обвинител утврди дека во дејствијата на пријавените не се содржани битни елементи на наведените кривични дела. За да може водењето на преговорите за промена на името на дрлжавата во кривично-правна смисла да се смета за повреда на угледот на државата и излагање на подбив на македонскиот народ и припадниците на заедниците, потребно е кај пријавените да постои јасно утврдена намера насочена кон потсмев, омаловажување и обезвреднување на земјата, стои во соопштението на Обвинителството. Во преамбулата на Спогодбата, двете страни потписнички се обврзуваат на почитување на начела, принципи и стандарди кои се меѓународно прифатени, а со цел решавање на разликите околу името и зацврстување на добрососедските односи. Притоа, намерата за исмејување, како посебен субјективен елемент на противправноста не е содржана во дејствата на пријавените, наведуваат, меѓу другото, од обвинителството.