Отстрането дискриминаторското известување во болницата во Струмица


Известувањето кое осамна на акушерското одделение во струмичката болница дека родилките мора да понесат извод од венчанте е отстрането.
Директорот на болницата Наќе Гогов потврди дека е отстрането и вели дека никогаш не вратиле родилка која немала документи, независно дали е венчана или не, пишува Макфакс.
Според него, известувањето за кое имаше бурни реакции на социјалните мрежи и беше протолкувано како дискриминирачко го ставил некој од вработените веројатно без да размисли убаво за содржината.
„Струмичката болница е дел од проектот ‘Добредојде бебе’ и најодговорно тврдам дека никогаш не се случило некоја родилка да биде вратена бидејќи не поседува некој документ. Болницата на сите, без исклучок дали се венчани или не, во рок од 36 часа им издава извод на новороденчињата. Сметам дека известувањето беше протолкувано надвор од контекстот, но се согласувам дека не е соодветно напишано и утрово го тргнавме“, изјави Гогов.
Имено, написот на кој вчера имаше бурни реакции на социјалните мрежи го содржеше следниов текст: „Пациентките кои доаѓаат на Акушерско одд. за породување ЗАДОЛЖИТЕЛНО со себе да донесат извод од венчаните“.