Откупени првите количини тутун, просечната цена 200 денари


Изминативе два дена, откако почна откупот на тутунот, преземени се 100 тони по просечна цена од околу 200 денари.

– Откупот почна на 15 ноември кога тутун откупуваше фирмата „Пашовски“, а вчера во кампањата се вклучија вкупно шест од деветте фирми, меѓу кои Прилепскиот утунски комбинат, Сокотаб од Битола, Алијанса од Кавадарци и „Секе“. Откупот тече непречено и без проблеми на 149 пунктови во земјава со 185 ваги. Досега се откупени околу 100 тони тутун, а просечната цена е околу 200 денари што е за неколку денари повисока од ланската, зашто родот е квалитетен. Во меѓувреме уште една фирма доби дозвола за откуп, а двете останати имаат рок да почнат да преземаат тутун до 15 декември, изјави директорот на земјоделскиот инспекторат Јане Станкоски.

Од Прилепскиот тутунски комбинат велат дека вчера презеле 20-ина тони тутун на градскиот откупен пункт.

– Нема проблеми во стартот на откупната кампања. Вчера од кооперантите откупивме 20-ина тони квалитетен тутун со просечна цена над 200 денари по килограм. В понеделник комбинатот ќе ги отвори 20-те пунктови во населените места со 32 ваги. Исплатата ќе биде во рок од три работни дена, а ќе почнеме од вторник, 21 ноември, рече директорот на Тутунскиот комбинат Прилеп Кире Станкоски.

Според претседателот на Сојузот на тутунските здруженија Кире Неделковски, нема никакви забелешки на стартот на откупната кампања. – Нема проблеми во почетокот на откупот. Нашите повереници будно ги следат откупните активности на пунктовите. Викендов пунктовите нема да работат. Поголем интетнзитет очекуваме во текот на идната недела, информира Неделковски.

Годинашнава реколта тутун се проценува на над 22 000 тони