Откриен радиоактивен цезиум во уловена риба во водите на Фукушима


Во риба уловена во водите на јапонската префектура Фукушима првпат по четири години откриен е радиоактивен цезиум над дозволената граница, соопшти денеска Асоцијацијата на рибарски здруженија на Фукушима.

Дозволеното ниво на цезиум е 100 бекерели по килогарам, а во една риба ража уловена во четвртокот на длабочина од 62 метри, регистрирани се 161 бекерели.

Поради тоа Асоцијацијата ја стопира испораката на овој вид риби уловени во водите на Фукушима, а испорачаната риба ќе биде повлечена од пазарот се додека не се потврди дека нејзината употреба е безбедна.

Надлежните служби ќе земат уште примероци за истражување, а централната Влада ќе донесе одлука за безбедноста.

Во префектурата Фукушима се наоѓа нуклеарната централа која по силниот земјотрес и цунамито во 2011 година беше оштетен реакторот и истече радиоактивен материјал.