Откажани сите концерти и претстави, купените билети ќе важат за новите датуми


Институциите од областа на културата, како и приватните организации кои за овие два дена имаа закажани претстави, концерти и манифестации, известија дека сите настани се одложуваат.

Владата прогласи дводневна жалост на 14 и 15 февруари, поради автобуската несреќа што се случи на автопатот Скопје-Тетово во која загинаа 14 лица, а повеќемина се повредени.
Македонската филхармонија го одложи концертот „Моја љубов“, кој требаше да се одржи вчера по повод денот на вљубените. Оттаму информираат дека концертот ќе се случи на 18 февруари со почеток во 20 часот.
Македонскиот народен театар, Драмски театар, Народен театар Битола, театар Куманово, театар Комедија информираа дека сите закажани претстави се одложуваат.
„Изведбата на мјузиклот ‘Мама Миа!’ која беше планирана да се изведе по повод денот на виното и вљубените на 14 февруари во 20 часот, се откажа поради прогласен ден на жалоста.
Следната изведба на мјузиклот е закажана на 11 март во 20 часот, а билетите кои публиката ги купи за изведбата на 14 февруари, ќе важат за изведбата на 11 март.
НУ Македонски народен театар изразува длабоко сочувство до семејствата на загинатите“, информираше Македонскиот народен театар.
Театарските претстави „Партија реми“ и „Крал Иби“, кои требаше да се одиграат во Драмскиот театар во Скопје, исто се одложуваат. Веќе купените билети ќе може да се заменат за која било друга претстава од репертоарот на Драмски во секое време.
Народниот театар Битола информираше дека влезниците за 15.2 за претставата „Коцкар“ ќе важат за претставата на 16.2 (сабота) во 20.00 часот. Театар Куманово ја откажува претставата „Мани мани мани“ и информираше дека билетите можат да ги искористат за следна изведба на 19 февруари.
Претставата „Вардарски пастуви“ која требаше да се одигра вечерва од 20 часот, се одложува за 16 февруари со почеток во 20 часот. Билетите што публиката ги купи ќе важат за изведбата на 16 февруари, сабота.
Македонската опера и балет и Центарот за култура од Битола информираа дека гостувањето на балетот при МОБ во театарот во Битола се одложува и дополнително ќе бидат најавени деталите.