Осудени на просперитет


Чихан Султаноглу

Во последниот извештај за „Дуинг бизнис“ на Светска банка, половина од земјите од Источна Европа и од Централна Азија се најдоа меѓу првите 50. Како мерка за економска зрелост, извештајот го потврди она што многумина во меѓународната развојната заедница веќе одамна го знаат: регионот станува сѐ помоќен.
Во текот на последната деценија економиите на Источна Европа и Централна Азија забележаа спектакуларни придобивки, поттикнати од амбициозни пазарни реформи и реформи во јавниот сектор. Прашањето сега е како да се осигура дека овој напредок, кој тројно ја зголеми големината на средната класа, ќе се одржи.
Знаци за социјалниот и економскиот просперитет на регионот може да се забележат насекаде. Приходите во Азербејџан драматично се зголемија во последниве децении, а само 5 отсто од населението сега живее под линијата на сиромаштија – од речиси 50 отсто во 2002 година. Естонија е трета земја во Европа по стартапи и е една од земјите со најбрз интернет, додека од Албанија до Киргистан е-владините системи им овозможуваат на повеќе луѓе да добијат услуги преку интернет и електронски портали.
Иако е примамливо да се претпостави дека регионот е осуден на просперитет, структурните тесни грла продолжуваат да го забавуваат напредокот, особено во Западниот Балкан, јужниот дел на Кавказ и во делови од Централна Азија. За да се одржи интензитетот во исполнувањето на „Целите на одржливиот развој на Обединетите нации“ (СДГ) до 2030 година, лидерите мора да се осврнат на три клучни прашања.
Прво, економиите во регионот треба да се зајакнат за да стимулираат попаметен, поодржлив раст. На пример, субвенциите за фосилни горива треба да се преиспитаат бидејќи тие ги обесхрабруваат инвестициите во енергетски ефикасни проекти и го попречуваат развојот на обновливите технологии. Слично на тоа, додека јавното финансирање на програмите за пензии и социјална помош зависи од оданочувањето на трудот, голем дел од регионот во моментов страда од високи стапки на невработеност. Така, во Западен Балкан речиси воопшто нема работа. Создавањето нови работни места е итен предизвик за секоја држава во регионот.
Второ, во многу земји просторот за граѓанското општество станува сѐ потесен претставувајќи закана за плурализмот и одговорноста. За да се спречи конфликт и да им се даде глас на маргинализираните групи во регионот, толеранцијата и почитувањето на човековите права мора да станат суштински состојки на владеењето.
Конечно, регионот мора да се координира околу стратегиите за да одговори на предизвиците што автоматизацијата и вештачката интелигенција ги носат на пазарот на трудот. Лидерите во некои земји, особено во Белорусија, го менуваат економскиот тренд од тешки индустрии кон технолошки стартапи.Но властите насекаде можат да сторат повеќе за да ја зголемат отпорноста на нивната работна сила.Во Ерменија владата неодамна ја создаде првата национална лабораторија за иновации , што претставува заеднички напор дизајниран да ја „забрза“ имплементацијата на целите за одржлив развој. Првичните истражувачки напори ќе се фокусираат на зголемување на наплатата на даноците во земјата, на подобрување на образовниот систем и зајакнување на секторот за обновлива енергија.Во меѓувреме, планери од Молдавија собираат милиони долари од дијаспората за финансирање проекти за одржлив развој. Напорите за ревитализација вклучуваат реконструкција на јавен плоштад во главниот град Кишињев и проширување на инфраструктурата во руралните средини.
Приватниот сектор во регионот, исто така, активно учествува во напорите за одржлив развој. Од зелените системи за греење и климатизација на „Сименс“ до политика на еднаква плата за еднаква работа на „Унилевер“, мултинационалните фирми кои работат во Источна Европа и во Централна Азија прифаќаат одржливост и еднаквост како остварливи бизнис-модели.
За само неколку децении луѓето од Источна Европа и од Централна Азија беа сведоци на длабоки политички и економски промени. За да се искористи успехот што го постигнаа веќе, земјите и организациите мораат да учат едни од други, приспособувајќи ги решенијата за локалните услови. Тоа ќе биде главната тема оваа недела на „Дијалозите за развој“ во Истанбул, годишен глобален собир организиран од Програмата за развој на ОН. Ако успехот на една земја се мери според тоа колку лесно се одвива бизнисот во рамките на нејзините граници, државите од Источна Европа и Централна Азија имаат светла иднина. Со силно лидерство, кое ги трансформира економиите во регионот и ги модернизира институциите, неодамнешните придобивки  нема да бидат минливи.

(Чихан Султаноглу е помошник генерален секретар на ОН)

Copyright:Project Syndicate