Османи уверен дека ќе го фати возот


Сега е вистинскиот момент Македонија да влезе во возот кој земјата ја носи кон НАТО и ЕУ и истиот не смее да се пропушти. Со ваков став излегоа вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и пратеникот на ДУИ, Артан Груби. Османи, претставувајќи ја Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан, процени дека во неа јасно е прецизирано дека Македонија во изминатиот период забележала голем напредок во однос на реформите, но и дека земјата пред себе има уште многу работа.

„Како Влада, како држава, но и како општество имаме право да бидеме задоволни од прогресот што сме го направиле во изминатиот период, што е забележан и во содржината на Стратегијата на ЕУ“, изјави Османи.

Сепак Стратегијата на ЕК за Западниот Балкан забележува дека во моментов земјите што имаат за цел да станат полноправни членки во европското семејство не ги исполнуваат минималните критериуми за да ги започнат пристапните преговори со Унијата. Реформи во судството, поголем ангажман во областа на безбедноста и миграцијата, подобрување на поддршката за социо-економскиот развој, зголемување на транспортот и енгертската поврзаност, воспоставување дигитална агенда и решение на сите билатерални прашања, се шестте главни домашни задачи што ЕК им ги додели на земјите кандидатки нотирани со европско знаменце. Овие задачи, според очекувањата, на шефицата на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини, но и на еврокомесарот Јоханес Хан, на долг рок ќе го трансформираат Балканот во место што произведува мир и стабилност.

Сепак, Османи рече дека Македонија од ЕК очекува чиста препорака за отпочнување на преговорите за членство.

„Во Стратегијата може да се прочита чистата препорака за Македонија. Во согласност со успехот да се решат политичките прашања, вклучувајќи го тука и прашањето за името со Грција, Македонија може да очекува отпочнување на преговорите“, рече Османи кој додаде дека земјата веќе предолг период е во исчекување и во меѓувреме во голема мера, според Османи, ја има усогласено својата легислатива со таа на Унијата.

Сличен став има и пратеникот на ДУИ, Артан Груби, кој моментално е во посета на САД, каде што реализираше средби со неколку американски конгресмени.
„Македонија продолжува да го интензивира темпото на спроведување на реформите, финализирање на нормативниот дел од Охридскиот договор и решавање на споровите со своите соседи според примерот на договорот со Бугарија. Затоа сега е вистинското време за приклучување кон НАТО и Европската Унија и целата наша енергија е фокусирана во реализација на овој проект кој на регионот ќе му понуди мир, стабилност, сигурност но и економски развој“, рече Груби од Пентагон.

Историска шанса да се стави крај на 27-годишниот спор за името меѓу Грција и Македонија гледа и потпретседателот на Европскиот парламент од СИРИЗА, Димитрис Пападимулис. Во изјава за француските медиуми, Пападимулис излезе со пофални зборови за македонската и за грчката влада кои, според него, ги прават вистинските и клучни чекори кои водат кон решение за долгогодишниот спор.

„Наш национален интерес е да им ставиме крај на сите отворени прашања и со европските партнери да дизајнираме нова иднина за регионот, далеку од духот на ирационалноста и ќор-сокакот од минатото“, пишува Пападимулис. Потегот на македонската Влада за преименување на скопскиот аеродром и автопат, според него, е храбар чекор на премиерот Заев кој е во позитивниот дух и ги релаксира односите меѓу Македонија и Грција.

Во наредниот период се очекуваат забрзани и вистински преговори на ниво на министри за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕиас, а првата средба ќе биде на 15 и 16 овој месец во Софија, на маргините на министерскиот состанок на ЕУ. На оваа средба Коѕиас ќе дојде со нацрт-рамка за преговарање, а се очекува со своја верзија да дојде и македонската. С? уште не е сосема јасно дали на оваа рунда преговори ќе присуствува и медијаторот Метју Нимиц, кој при последната посета најавил дека може да ги забрза преговорите и да доаѓа на две недели.

Блерим Исмаили