Османи: Планот 18 продолжение на Планот 3-6-9 се до почеток на преговорите со ЕУ
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска, во просториите на Секретаријатот за европски прашања, го презентираше новиот реформски план, Планот 18 пред претставници на Делегацијата на ЕУ во Македонија, предводени од евроамбасадорот Самуел Жбогар.
Османи изразил задоволство од имплементацијата на Планот 3-6-9, особено, како што посочил, неговата валоризација во еден од најпозитивните извештаи за Република Македонија, кој бил придружен со чиста и безусловна препорака за преговори од страна на Европската Комисија.
– Владата има цврста определба да ја задржи реформската агенда на врвот на листата приоритети и по завршување на имплементацијата на Планот 3-6-9, за што, Секретаријатот за европски прашања презеде обврска да изготви нов реформски план за 2018 година, чија реализација треба да заврши со излегувањето на новиот извештај на Европската Комисија на почетокот од следната година, рече Османи.
Додаде дека Планот 18, што сѐ уште е во фаза на усогласување, се очекува да помине на Влада следната недела, по што ќе биде ставен на увид и на експертската јавност и граѓанскиот сектор.
– Планот 3-6-9 создаде солидна основа и подготовка за имплементација на суштинските и долгорочните реформи во насока на приближување на нашето општество со европското, при што, Планот 18 претставува логично продолжение на реформската агенда на Владата за системска координација и следење на имплементацијата на овие реформи, изјави Османи, додавајќи дека во Планот влегуваат сите забелешки и сугестии нотирани во Извештајот на Европската комисија, а Планот ги зема предвид и насоките кои се содржат во шесте водечки иницијативи на Стратегијата на Европската комисија.
Османи побара од Евроамбасадорот Жбогар и од претставниците на Делегацијата на Европската Унија во Македонија и тие да придонесат со свои забелешки, сугестии и коментари при финализацијата на содржината на Планот.
Вицепремиерот најави дека Планот наскоро ќе биде презентиран и пред администрацијата на Европската Унија во Брисел.