Османи до Николовски: Teзата ти е научна фантастика


Вицепремиерот за евроинтеграција, Бујар Османи, од Брисел одговори на прашањето на Александар Николоски околу наводен договор со албанскиот министер за надворешни работи за кочење на реформите од Планот 3-6-9 во Македонија за да остане државата во група со Албанија.

– Оваа  теза делува како да е произлезена од некој посебен оддел за научна фантастика. Оваа целосна измислица е погрешна на толку многу нивоа, што навистина е прашање дали воопшто треба да се одговара, објасни вицепремиерот за евроинтеграции.

Според него, Планот 3-6-9 прво има одлично ниво на реализација и тоа е веќе потврдено од страна на Европската Комисија во Стратегијата, во нивните јавни настапи итн.

-Мавтаaт со некакви стари податоци од 42 отсто реализација, со некаков документ што веројатно е точен и веродостоен, но е стар документ. Сигурно некогаш во минатото процентот за реализаиција бил и околу 42 отсто, но тоа се менува секојдневно, и реализацијата на Планот 3-6-9 во моментов ги надминува и најоптимистичките очекувања. Но, и покрај тоа, и овие последни денови до 17 април, до излегување на Извештајот, ги поминувам обидувајќи се, трудејќи се да обезбедам поддршка и за реформа повеќе, вклучувајќи тука и убедување со нив, како опозиција, за да ги усвоиме и последните реформски закони за кои е потребна поддршка и од опозицијата, додава Османи.

Второ, толку многу јавен притисок, дебати, трибини, прес конференции, изјави имам дадено во насока на реализација на планот 3-6-9, па за мене се вели дека од фрижидер почнав на луѓето да им излегувам со барање за реализација на реформите од Планот 3-6-9, за тие од каде да извадат дека јас сум ја кочел реализацијата?! Јас навистина не знам кој им го измисли тоа, ама тоа ни тие меѓу себе не знам дали можат да си поверуваат во тоа што го изјавуваат.

-Па, јас Планот 3-6-9 го гледам како мое политичко чедо – го создавав, па го растев, па се грижам за негова имплементација, па се фалам на секаде до каде сме со неговата реализација. Јас не можам да ја сфатам таа нивна опседнатост постојано да бараат непријателство, недоверба и некаков начин Албанците да ги обвинат за нешто. Можеби затоа што ја сум од Серава, а ним се’ некои Албанци од Серава им се криви за се’!?

На крајот Османи оценува дека „ како да не научија дека е тоа погрешен пристап и дека треба да сфатат дека Македонија е мултиетничка држава, во која не може повеќе нивниот политички идентитет да го градат на  антиалбански сентимент“.

-Измислуваат некаков големоалбански агенди и заговори, кои делуваат како да се произведени во големо-руските кујни за заговори, изјави Османи од Брисел.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ во денешната колумна за Независен Весник го праша Османи дали е вистина дека има договор со министерот за надворешни работи на Албанија намерно да се кочат реформите на Македонија и да не се спроведува целосно планот 3-6-9 за катастрофално ниското ниво на реформи во Албанија да не изгледа како катастрофа.
https://nezavisen.mk/mk/vesti/2018/04/43299/