Османи во ДИК: Фер и слободни избори еден од условите за позитивна одлука од ЕУ


Претстојните претседателски избори треба да бидат фер и демократски, без и најмали забелешки кои би фрлиле темна сенка. Тие треба да бидат натпревар на кој ќе победи најдобриот. Тоа ќе ги покаже зрелоста и демократскиот капацитет на државата, од што во голем дел ќе зависи и донесувањето на одлуката на Комисијата и земјите членки на ЕУ за почеток на преговорите за членство во Унијата, оценија вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и претседателот на ДИК Оливер Деркоски.
Државата, рече Османи по денешната средба во просториите на ДИК, е под лупа на земјите членки и на Комисијата дали има демократски капацитети да спроведе фер и коректни избори и мислам дека од впечатокот што ќе го дадеме за постоење на таквите капацитети многу ќе зависи каква ќе биде проценката во јуни.
-Јавно ги повикуваме сите чинители во изборниот процес, бидејќи ДИК е организатор, Владата ги обезбедува неопходните предуслови, но сепак секој чинител, секоја политичка парија, секој граѓанин треба да ја знае важноста на моментот во кој се одржуваат изборите. Важно е кој ќе биде претседател, но, уште поважно во овој процес е дали ќе имаме фер и демократски избори без најмали девијации, проблеми и забелешки, рече Османи.

Изборите, наведува Османи, се одржуваат во најдобар или во најлош момент за државата, бидејќи ќе завршат еден месец пред донесување на одлуката за преговори со ЕУ.
-Ако изборите се добри земјите членки полесно консензуално ќе ја донесат одлуката за почеток на преговори,  а најлош е што и најмалата грешка ќе биде помножена со десет или со сто пати и ќе биде под лупа на земјите кои ќе ценат дали оваа здржавата има капацитет да влезе во нивното семејство, рече Османи.

Дерковски се согласува дека изборниот процес треба да помине без и најмали забелешки и оти тие како институција ќе направат се тоа да се реализира.

-ДИК е државен орган кој ќе направи се во рамки на надлежности да го организира овој процес на најдобар можен начин, но до сите чинители апелираме да внимаваат овој процес непречено да помине и да се фрли било каква дамка. Изборите се политички конкурентен натпревар во кој треба да победи подобриот, односно тој кој има подобра политичка платформа и програма, рече тој.

Во таа насока, рече, одат и информациите дека избирачкиот список е во ред и оти нема да има проблеми со него.

-Нема фантоми во Избирачкиот список, како што имавме навика да кажеме. Во него се запишани сите државјани кои се полнолетни и имаат право на глас, рече Дерковски.

Во рамки на јавниот увид во списокот, кој заврши денеска околу 60.000 граѓани направиле проверка дали се на списокот или не или пак за впишување одредени промени на личните податоци.

Одговарајќи на новинарско прашање до каде се кривичните пријави за референдумот на избирачки места каде се сомневаше дека имало полнење на кутиите Дерковски потсети дека нив ги поднела политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и оти обинителството од ДИК побарало соодветни податоци и материјали, кои Комисијата им ги доставила