Османи: Ако не најдеме решение за името до април , процесот губи смисла


Времето е кратко, треба брзо да се најде решение, ако не се најде до април, процесот губи смисла. Пред нас е историска и златна година за затворање на спорот и деблокирање на евро- атлантската перспектива на земјата, истакна вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи по средбите со неговите домаќини во Атина.

Османи, како што јави дописникот на МИА од Атина, во изјава за медиумите, вели дека очекува предлог од Нимиц на средбата за 10 дена, но додава дека предлози можат да достават и двете страни, а не само медијаторот. Она што е важно, според него, е да се интензивира процесот и да постои активност, за прашањето да се затвори во првата половина на оваа година.

-Ние очекуваме да има предлог, меѓутоа не мора само од Нимиц, можат и страните да дадат предлози доколку имаат такви, важно е да бидеме проактивни, важно е да има интензификација на самиот процес, било да е тоа и на билатерална основа. Многу е важно да продолжиме со мерките на доверба, да создадеме позитивна атмосфера, со меѓусебни пораки на градење на доверба и брзо да најдеме решение, вели Османи и коментира дека според него има посветеност и од грчка страна, а додава дека е потребно да се интензивира процесот.

Вицепремиерот одби да даде детали за македонските позиции во преговорите, а за конкретните имиња и предлози објавени во медиумите, рече дека се само шпекулации. За евентуално одржување референдум, Османи вели дека тоа е вториот чекор, а сега треба да бидеме концентрирани на решавање на првата фаза, па дури потоа ќе се носи одлука дали ќе има референдум или не.

-За сега не постои договор за некое решение, постојат преговори, го чекаме медијаторот Нимиц кон крајот на месецов да дојде, се надеваме со предлог, што ќе го земеме во предвид и заземе став во врска со тој предлог. Сѐ што сте слушнале во вестите за различни имиња или предлози, за сега се само шпекулации, рече вицепремиерот Османи, одговарајќи на новинарско прашање во врска со името Република Нова Македонија.

Вицепремиерот е задоволен и среќен што на првиот работен ден од новата година е во Атина, а на средбите со Коѕијас и Катругалос, кои поминале во добра атмосфера, како што рече,разговарале за многу прашања. Но, пред сѐ разговарале за потребата за изнаоѓање решение, за потребата од создавање доверба помеѓу двете држави, помеѓу двете општества, за фактот дека двете држави имаат перспектива да станат најдобри пријатели во регионот, перспектива која што рече е испуштена во последните 25 години.

По средбите со Коѕијас и Катругалос, не беа предвидени прес конференции за медиумите, но Бујар Османи, даде изјави за новинарите кои беа во голем број, како новинари од грчки медиуми, така и дописници од странски медиуми со седиште во Грција.