ОРМ бара да се намалат обврските за малите и средни претпријатија


Нема мерки и активности за олеснување на работатата на малите и средни претпријатија или за ослободување од обврските, какви што имаат големите компании. Потребна им е поддршка првенествено за опстојување поради регулативата и казнената политика кои ги оптоваруваат и се причина за пропаѓање на дел од нив уште во првата година од отворањето или за три години, оценија денеска од Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ).

Со финансиска поддршка од Европската унија, ОРМ ќе спроведе проект „Извозен акцелератор за мали и средни претпријатија од прехранбено-преработувачката индустрија, со кој ќе помагаат во нивна интернационализација и подигање на извозниот капацитет.

Димитров укажа дека во развиените држави во првите три години на компаниите им се дозволува да водат обично книговодство и не мора да ангажираат ниту адвокат, ниту книговодител. Кај нас, пак, како што вели, за нив се финансиски проблем обврските од законите за трговски друштва и за сметководство за двојно сметководство и за лиценцирани сметководители.

– Кај нас првата казна и инспекција кај мало претпријатие со двајца или тројца вработени за нив значи затворање. Статистичките податоци покажуваат дека 19 проценти од новорегистрираните мали и средни претпријатија пропаѓаат уште во првата година, а една третина од нив не издржуваат ниту три годони, изјави Димитров, на промоцијата на проектот.

Потенцира дека микро и малите претпријатија до 10 вработени зафаќаат над 80 проценти од вкупниот број претпријатија и учествуваат со повеќе од 50 проценти во вкупниот БДП, но оти за нив нема закони со поповолни решенија за нив.

– Скоро да нема закон во кој за малите и средните претпријатија се постапува поинаку. Зошто првите три години сите контроли во малите и средни претпријатија да не бидат само опомена и обука, а не казна, и зошто во првите три години да имаат овластен книговодител. Можат да водат приходи и расходи во првите три години. Можеме да помогнеме на многу начини, има закони во кои дури и самите инспектори се свесни дека малите компании не можат да ги спроведат па им прогледуваат низ прсти, рече Димитров.

Според него, врз малите и средни претпријатија речиси да немало никакво влијание намалувањето на казните од претходната Влада во 2015 година, а планот за економски раст на сегашната власт според сегашните критериуми не нуди поддршка за нив, туку само за брзорастечките компании.

Со проектот ќе им се помогне на фирмите во испитување на пазарот, создавање сопствени брендови, царински постапки…Таргет се регионалните пазари поради проценките дека има можности во соседството да се пласираат нови и оригинални македонски производи.

– Ќе се подготви бизнис анализа на кои од странските пазари можеме претпријатијата од прехранбено преработувачката индустрија да им дадеме поттик дека имаат најголеми шанси за извоз. Потоа ќе следи фаза на обуки за почетни и напрадени вештини во сите знаења и технологии за да ги подготват нивните производи и услуги за палсман на странските пазари, изјави Розалија Карцички Василевска, тим лидер на проектот.

Проектот на ОРМ е дел од грантовата шема на ЕУ за конкурентност, а во кофинансирањето е вклучен и Институтот за динамичен развој СФЕРА- НОВА. Ќе се спроведува во наредните две години.