Општина Центар ќе се збратими со центарската општина во Мадрид


Општина Центар ќе се збратими со центарската општина во Мадрид, КК „Работнички“ ќе соработува со КК „Реал Мадрид“, во Скопје ќе се слави денот на шпанското мезе, јавно ќе се гледаат шпански филмови…

Ова е само дел од плановите за соработка помеѓу Општина Центар и центарската општина во Мадрид, кои беа договорени на денешната средба помеѓу градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ и амбасадорот на Кралството Шпанија Н.Е. Емилио Лорензо Сера. Двајцата договориле дека добрата соработка меѓу Кралството Шпанија и Република Македонија треба да се продлабочи и на локално ниво. Набрзо ќе отпочне постапка за збратимување на општина Центар со центарска општина во Мадрид.

„Еден од проектите за кои има интерес на двете страни е изучување на шпанскиот јазик во основните училишта под надлежност на општината. Амбасадата ќе биде мост на сите активности. Почестен сум што постои интерес за изучување на шпанскиот јазик“, рече Н.Е. Емилио Лорензо Сера, кој истакна дека на наредните средба со Богдановиќ, ќе се детализира за реализирање на наведените проекти.

„Вие сте членка на ЕУ, ние сме земја аспирант и сакаме да ги користиме сите добри искуства од земјите членки на ЕУ“, истакна градоначалникот.