Општина Новаци за роденден се почести со кола од 33.000 евра


Општина Новаци неодамна се поднови со нова кола вредна речиси 33.000 евра. Практично, возилото дојде како порачано за роденденот на Општината која на 30. март одбележа 22 години постоење. Општинарите купија Шкода супер Б 2.0 ТДИ 150 кс, црна металик боја.

Пред неколку месеци кога Општината го распиша огласот за набавка на возилото, градоначалникот Љубе Кузмановски се правдаше дека во случајов не се луксузира. Колата му била неопходна бидејќи често патувал, а џипот што го имала Општината не бил сигурен.

„Ние сме од пет дена, три на пат, најмногу во Скопје. Имаме еден џип кој е стар околу осум или девет години на кој веќе еднаш моторот му е сменет и каросериски не е во таква состојба да може да се користи за секојдневни патувања. Имаме и неколку половни возила стари по 12-13 години но тие ги користиме за локална употреба, но немаме возило за подолг пат“, изјави Кузмановски. Посочи дека новата кола нема да ја користи само тој, туку ќе била достапна за користење за целата администрација.

Општина Новаци како единица на локалната самоуправа постои од 1996 година и е составена од трите поранешни општини Новаци, Бач и Старавина. Пред 5 дена одбележа 22 години постоење со неколку манифестации. (Д.Т.Д.)