Општина Аеродром бара начин да ја спречи изградбата на деветкатница пред Мајчин дом


„Градење на деветкатница на плацот пред Мајчин дом е спротивно моите лични заложби. Во Опшината досега не е пристигнато барање за одобрение за градба, ниту какво било барање во однос на конкретната парцела и согласно тоа не постои проектна документација за објектот. Општина Аеродром бара начин да ја спречи изградбата на деветкатница пред Мајчин дом“, стои во реакцијата на градоначалникот Златко Марин на социјалните мрежи.

Тој посочува дека со ДУП И10, изгласан од претходното раководство во април 2017 година, парцелата пред Мајчин Дом се пренаменила од зона Д1 – парковкозеленило во зона за станбено домување А2. Марин вели дека во тој период јавно говорел против носење на одлуката парцелата да се претвори во градежна. И покрај големиот број реакции против ваквото решение, претходното раководство го донело ДУП И10, кој е веќе стапен на сила.

„Парцелата пред Мајчин Дом е во приватна сопственост. Според деталниот урбанистички план, тука се предвидува иградба на објект П+8+ПК/П+8, односно приземје, плус осум ката и поткровје, а во дел приземје со 8 ката. Општина Аеродром во моментов ги разгледува сите правни механизми и бара начин да ја спречи градбата на плацот пред Мајчин дом“, вели градоначалникот на Аеродром.