Оптимизам на Самитот во Софија: Заев и Ципрас блиску до решение


Премиерот Зоран Заев вчера еуфорично ја внесе Македонија во ЕУ, но грчкиот лидер Алексис Ципрас му порача да почека бидејќи има уште работа што треба да ја заврши. Вака некако е поентата од вчерашната втора средба на Заев и на Ципрас во Софија, која ја поздравуваа сите лидери на ЕУ и ја вброија во најголемите достигнувања на Самитот.

Премиерот Заев прв соопшти дека со грчкиот премиер разгледале неколку опции, од кои издвоиле една околу која ќе се консултираат дома двете страни. Според Заев, предлозите дошле од македонската страна.

-Сѐ што беше постигнато досега го констатиравме и го потврдивме. За она што не е договорено, од опциите што ги имавме, утврдивме една опција која е прифатлива за двете страни -, изјави Заев на прес-конференцијата.
„Денес Македонија и нејзините граѓани одат напред. Оваа 2018 година е година на силни реформи и ја водиме Македонија во ЕУ“, рече Заев еуфорично, претходно порачувајќи дека се соочуваме со нерешените проблеми и успеваме во тоа.

Иако Заев не потврди реално дека е постигнато решение, практично кажа дека се дојдени до еден предлог даден од наша страна кој треба да го прифати или отфрли Грција, откако претходно се утврдени неколку можни опции за преостанатите нерешени аспекти од спорот.
„По пауза од 15 години, Западниот Балкан повторно има место на европската сцена. Заробената држава и 25-годишниот спор за името беа најтешките проблеми. Денес се соочуваме со нив и успеваме. На средбата со пријателот на Македонија, Алексис Ципрас, заедно го констатиравме досегашниот напредок. Заедно ги разгледавме и можните опции за креативни решенија што македонската страна ги презентираше во последната фаза од преговорите. Она што следува се консултации со релевантните политички фактори во двете земји“, дообјасни Заев. Тој порача дека не е добро решението да се одлага за наесен, туку да се реши до јунскиот самит.

За средбите со претседателот на Франција, Емануел Макрон, и германската канцеларка Ангела Меркел, Заев рече дека тие го препознале лидерството на Македонија ѝ дале поддршка да се зајакне врската меѓу Македонија и ЕУ.

Ципрас изјави дека е постигнат значаен напредок во врска со прашањето со името на средбата со Заев вечерта по Самитот на социјалистите, која, како што откри, траела речиси до раните утрински часови, како и на вчерашната средба која траеше околу еден час.
„Изминавме долг пат за изнаоѓање решение за прашањето за името, но неколку прашања остануваат и сѐ уште не сме во можност да зборуваме за постигнување договор“, рече Ципрас на прес-конференцијата.

Нагласувајќи дека се работи за сложен преговарачки процес, Ципрас најави нова средба со Заев на почетокот на следниот месец и ја пофали работата што ја направиле министрите за надворешни работи на двете земји, Никос Koзијас и Никола Димитров. Како што изјави Ципрас, се разгледува опција новата средба со Заев да се одржи во Преспа. Сепак, Ципрас внимателно избегна, и покрај многубројни прашања, да зборува за имиња и да даде повеќе информации во врска со содржината на евентуалниот договор.

„Нашата заедничка цел е да имаме резултат пред Советот за општи работи во јуни“, рече Ципрас додавајќи дека тој е оптимист дека тоа ќе се случи.
„Стигнавме до критична точка, но последните чекори се секогаш најтешки. Бев задоволен што слушнав вчера дека Мицотакис ја брани националната преговарачка позиција на нашата земја. Овој став е добредојден. Знаеме дека ние преговараме во име на сите Грци вклучувајќи ги и оние што имаат повеќе чувствителност или несогласувања околу ова прашање“, рече Ципрас.
На прашањето дали се разговарало за ставот на опозициските партии за ова прашање во двете земји, тој одговори дека тоа е критично прашање. „Не толку за нас, колку за нашиот сосед бидејќи нивната позиција бара уставни промени за кои е потребно квалификувано мнозинство. Значи, да, тоа беше една од точките на дискусија меѓу нас“, потврди Ципрас, кој како и другите грчки премиери не сакаше да одговара на прашања на македонски новинари и на англиски, туку само на грчки.

„Имаме притисок за историска одговорност, но БЈРМ го има притисокот на времето“, заклучи Ципрас.
Употребата на новото име само за меѓународна или и за меѓународна и за домашна употреба и промените во Уставот беа прашањата кои требаше да се обидат да ги решат Заев и Ципрас на оваа средба. Овде од кругови од Брисел се тврди дека на грчката страна нема голем оптимизам за НАТО и дека сѐ што се прави сега е заради давањето датум за преговори на Македонија на јунскиот самит на ЕУ.
Дека имало значаен напредок потврди и германската канцеларка Ангела Меркел, која ја почна прес-конференцијата со преговорите меѓу Македонија и Грција.
„Разговорите меѓу Македонија и Грција за името напредуваат добро. Направен е значителен напредок. Прашањето за името е важно за Македонија“, рече Меркел.

На прашањето дали Германија во јуни ќе поддржи почеток на преговори со Македонија и со Албанија Меркел рече дека двете земји секој ден напредуваат во исполнување на условите, а особено напредува Македонија околу името. Таа соопшти дека сега немало одлуки за проширувањето и дека тоа прашање се остава за самитот во јуни.

Еврокомесарот Јоханес Хан изјави дека според неговите информации на средбата на Зоран Заев со Алексис Ципрас не е постигнато решение, но дека се на добар пат.
„Секогаш сум оптимист и останувам така. Мислам дека се на добар пат, но решението сѐ уште не е постигнато. Тоа го разбрав од разговорите. Се надевам дека е можен некој процес што ќе има ефект на самитот“, рече Хан.

Неофицијално, се слушаше дека решението е најдено и дека на двајцата лидери им треба време да го објават во јавноста, односно да добијат согласност од релевантните фактори во двете земји. Тоа, сепак, никој не сакаше да го потврди.

Бугарскиот премиерот Бојко Борисов, набројувајќи ги најважните настани на самитот, го спомена заедничкото фотографирање на Макрон, Меркел и Тереза Меј на таканаречениот мост на вљубените, средбата Заев и Ципрас и заедничката фотографија на Александар Вучиќ и Хашим Тачи. Тој им се обрати пред сѐ на западните медиуми порачувајќи им дека сите земји од Западен Балкан имаат БДП како една Словачка и по жители се помали од Романија, па ги запраша: „Од ова ли се плашите, поради ова ли големите стравувања?“ Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, пак, порача дека овој настан го чекале 15 години и дека Западниот Балкан е врвен приоритет на Унијата.

(Слободанка Јовановска, наш известувач од Софија)