Оптимизам во Атина пред гласањето доверба на Владата


Грција- Во пресрет на расправата за доверба на грчката Влада и утрешното гласање, владиниот портпарол и министер без ресор на Грција, Димитрис Ѕанакопулос, смета дека Владата ќе добие доверба и ќе може да продолжи да ја води земјата.

Во интервју за грчката телевизија Алфа тој објасни дека гласањето доверба на Владата не треба да се поврзе со ратификацијата на Договорот од Преспа, бидејќи се две комплетно различни гласања, а едното не го одредува другото, но додаде дека и за двата процеси постои мнозинство во актуелниот Парламент.

Грчкиот премиер, Алекис Ципрас говорејќи на конференција посветена на Договорот од Преспа, само неколку часа по заминувањето на Панос Каменос од коалициската Влада, а на два дена по изгласаните уставни измени кај нас, му честиташе на неговиот македонски колега и рече дека „исто како што соседите не се повлекоа, така и Грција нема да се повлече“, бидејќи смета дека договорот е историски, национално корисен и патриотски.

Оној кој токму поради договорот се повлече од коалициската влада, Панос Каменос, остана без двајца негови пратеници, откако министерката за туризам на Грција, Елена Кундура и заменикот министер за земјоделство Василис Кокалис, и двајцата од Кина каде што се дел од владината делегација, соопштија дека ќе гласаат за доверба на грчката влада, по што и експресно беа избришани од пратеничката група на Независни Грци.

Одлуката за нивно отстранување, лидерот на партијата, Панос Каменос ја соопшти преку неговиот официјален Твитер профил.

На утрешното гласање доверба на владата, уште двајца пратеници од Независни Грци ќе заземат спротивна позиција од претседателот.

Танасис Папахристопулос, кој и во минатото јавно изјавуваше дека го поддржува Договорот од Преспа, во интервју за грчката телевизија ЕРТ, вчера го повтори неговиот став дека ќе гласа „за“ и за доверба на владата и за ратификацијата, а потоа ќе го отстапи пратеничкото место.

Неговиот сопартиец Костас Зурарис, веројатно е дека ќе ја поддржи владата, но не и Договорот од Преспа.

Пратеникот на партијата Река, Спирос Данелис , јавно и јасно го поддржува договорот меѓу Македонија и Грција и на конференцијата во Атина рече дека сега е Грција на ред, по успешно изгласаните уставни измени од македонското собрание и во пресрет на ратификацијата на Договорот од Преспа во грчкиот парламент и истакна дека Ципрас со Заев и Коѕијас со Димитров пишуваат историја.