Опра Винфри: Немам ДНК за да бидам претседател на САД


Американската телевизиска водителка Опра Винфри изјави дека не е заинтересирана да се кандидира за претседател.

Таа истакна дека „нема ДНК“ за да биде претседател на САД.

Винфри за американското списание „Ин Стајл“ (InStyle) истакна дека по говорот на доделувањето „Златен глобус“, на почетокот на месецот, ја „гледале“ како иден кандидат на демократите на изборите во 2020 година.

– Сегогаш сум сигурна во тоа што можам, а што не можам да го правам, рече Винфри, истакнувајќи дека претседателската кандидатура „не е нешто што ја интересира“.

Американскиот претседател Доналд Трамп, откако медиумите почнаа да шпекулираат дека Винфри може да биде претседателски кандидат, рече дека би ја победил на изборите, но оти не верува дека таа би учествувала во трката.

Тој рече дека добро ја познава Опра и дека не верува дека таа би се кандидирала.

Си-Ен-Ен на почетокот на месецот, повикувајќи се на двајца „блиски пријатели“ на Винфри, објави дека таа „активно размислува“ да се кандидира на претседателските избори на САД во 2020 година.

Во меѓувреме, на социјалните мрежи е актуелна снимката од гостувањето на Трамп во емисијата на водителот Лари Кинг од 1999 година, кога на прашањето кој би бил потпретседател на САД „од соништата“ Трамп веднаш одговара – Опра Винфри.

– Опра секогаш е мојот прв избор. Ако некогаш се најде на таа позиција, ќе биде фантастична. Популарна е, брилијантна, прекрасна жена, одговори Трамп, кој тогаш се занимаваше со недвижности.

Исто така, тогаш направи споредба меѓу него и Винфри, истакнувајќи дека двајцата се слични и имаат многу заеднички работи