Опозицијата тактизира, дипломатите во офанзива


Во штабот на ВМРО-ДПМНЕ беа одржани вчера две прес-конференции и од таму излегоа исто толку соопштенија до јавноста. Но, во ниту едно од своите обраќања опозициската партија не го навести својот став околу претстојниот референдум. Наспроти тоа, двајцата партиски портпароли пласираа обвинувања за службеното возило на МВР забележано во туристичката зона во Грција и за тендерите што ги добиле наводно фирмите на вицепремиерот Кочо Анѓушев.
Додека од повеќе светски метрополи и познати дипломати пристигнуваат пораки за поддршка на претстојниот референдум и за договорот за името што го постигна Владата, како билет за продолжување на интеграциските процеси во земјава, раководството на ВМРО-ДПМНЕ и натаму не седнува на заедничка маса да го усогласи својот став околу референдумската кампања што официјално почнува на 10 септември. Чекајќи ги инструкциите од централата, партиската база, пак, вклучително со повеќе локални функционери на ВМРО-ДПМНЕ, во голем дел веќе почнува да зазема став за бојкот. Тоа може да се забележи низ социјалните мрежи каде што на профили на поддржувачи на десницата врие од хаштази и фејсбук-апликации „бојкотирам“ и „Македонија е мојот избор“.
Наспроти „изборот“ на дел од поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ, од групата „Охрид“ посочија вчера дека македонските граѓани на 30 септември ќе имаат можност да направат историски избор – дали ќе ѝ го отворат патот на нашата земја во НАТО и во ЕУ. Во насока на поддршка на референдумот е и најавената посета на земјава на австрискиот премиер Себастијан Курц, чија земја во моментов претседава со ЕУ. Курц доаѓа во земјава три седмици пред закажаниот референдум, а на покана на македонскиот премиер Зоран Заев. Според информациите, од почетокот на септември се очекува земјава да ја посетат и други светски лидери на моќни земји. При последната посета на Заев на Виена, на крајот на јуни, Курц оцени дека договорот околу името со Грција е одлучувачки напредок во процесот на приближување на Македонија до ЕУ.
Иако референдумската кампања се очекува да се засили кон крајот на овој месец, владејачкиот СДСМ уште сега го подготвува теренот за тоа. Од партијата се огласија вчера дека постигнатиот, како што велат, конечен договор за спорот со Грција е историски најдобра и фер шанса за граѓаните на Македонија. Договорот, според СДСМ, е влог во македонската иднина, со кој го расчистуваме патот на нашата земја за влез во НАТО и за почеток на преговори за ЕУ. Договорот е пример за решавање отворено прашање со соседите, во согласност со националните и државните интереси.
„Со договорот се зајакнува и гарантира нашиот, македонски идентитет. Македонската националност, македонското државјанство, македонскиот јазик и македонската култура се загарантрани еднаш засекогаш и никогаш повеќе нема да бидат негирани или оспорувани. Со поддршка на договорот, граѓаните на референдум ќе ја обезбедат европската иднина на Македонија“, се наведува во соопштение на СДСМ.
Како што проценуваат од владејачката партија, граѓаните јасно ја разбираат историската важност на договорот и затоа на 30 септември, масовно, одлучно и достоинствено ќе кажат „да“ за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот со Грција.
Од СДСМ тврдат дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на лидерската средба најавил дека нема да повикува на бојкот на референдумот. Но, додека се чека официјалниот став на партиското раководството, партиски функционери се појавуваат во јавноста со спротивставени размислувања за тоа дали треба да се учествува во гласањето или да се оди на бојкот.
Во партијата, според информациите, има разногласие во однос на тоа дали треба да се бојкотира изјаснувањето на граѓаните или да се излезе и да се гласа „не“ на поставеното прашање, како што има и размислувања дека треба да се даде позитивен одговор во име на интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ.
– Мали се шансите раководството на ВМРО-ДПМНЕ отворено да повика на бојкот на претстојниот референдум, по сите укажувања од меѓународните фактори дека договорот за името е историски и дека е последна шанса за деблокада на интеграциските процеси на земјава – вели функционер на ВМРО-ДПМНЕ за „Независен весник“.
Според нашиот соговорник, голема е веројатноста ВМРО-ДПМНЕ да упати повик до своите поддржувачи на референдумот да постапат по сопствено убедување.
(А.М.М.)