Опозициското „работно лето“ замина на годишен одмор


Случувањата околу лидерските средби, закажаниот референдум без постигнат договор меѓу партиите, илинденските празници, летните одмори, но и внатрешните рововски битки го „оладија“ планираното „работно лето“ на ВМРО-ДПМНЕ. Кога на 15 јули од плоштадот во Кавадарци, лидерот Христијан Мицкоски се закани дека ќе расчисти со криминалите на премиерот Зоран Заев, никој не претпоставуваше оти триесетина дена подоцна, тоа ќе биде последно масовно собирање на опозицијата. Веќе наредната недела беше закажан митинг во Кичево, кој беше одложен поради серијата лидерски средби со Клубот на пратениците. Потоа, беше најавена двонеделна пауза поради празникот Илинден, но се наближува и Пресвета Богородица, а поголемиот дел од водството на партијата е на годишен одмор. Сепак, во ВМРО-ДПМНЕ уверуваат оти активностите се одвиваат согласно утврдената динамика, па така изминатите недели биле посетени околу 50.000 дома.
Активностите продолжуваат континуирано, ќе има нови масовни собири, наскоро ќе ги прецизираме следните чекори. Се забележува револт од граѓаните, кој не е само поради договорот со Грција. Има изневерени очекувања и разочарување од владата што е забележително. Најмногу се незадоволни од економијата и од решавањето на реалните проблеми“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Досега, реализирани беа четири големи митинзи во Скопје, Битола, Струмица и во Кавадарци. Беа формирани вкупно 1.500 работни тима од по четири лица, чија задача е да ја поминат целата земја. Преку средби со граѓани, но и целни групи, како земјоделци, занаетчии, млади, стечајци, стопанственици… се бараат решенија за новата партиска програма. Сепак, според информациите на „Независен весник“, најголемата преокупацијата во моментов во Белиот дворец е позиционирањето околу референдумското изјаснување за договорот со Грција за името. Не е тајна дека партијата се наоѓа на крстопат и тешко ќе може да им угоди на сите заинтересирани страни. Од една страна, значителен е притисокот што го чувствува од меѓународната заедница, па и од сестринските европски народни партии, активно да земат учество на референдумот, па макар гласале и против, со што би се исполнил цензусот. Од друга страна, добар дел од членството на чело со поранешниот министер за надворешни работи и сегашен пратеник Антонио Милошоски инсистираат за бојкот надевајќи се дека на тој начин ќе пропадне спогодбата со Атина. И на крај, во ВМРО-ДПМНЕ се прокламира струја која отворено се залага не само за гласање на 30 септември, туку и за поддржување на договореното меѓу владите на Зоран Заев и Алексис Ципрас, со што конечно би се ставил крај на речиси тридеценискиот спор околу името, а на нашата земја би ѝ се отклучиле вратите од евроатлантските структури. Предводници на ваквата струја се припадниците на реформаторско крило на партијата, кое по заминувањето на Никола Груевски од лидерската позиција успева да ги затопли односите со новото раководството предводено од Христијан Мицкоски, со кого договорија да се донесе нов статут, па така на пример Костадин Богданов стана член на извршниот комитет. Токму тој, во колумна за „Независен весник“ ги повика своите сопартијци да ја преземат одговорноста. Претседателот Мицкоски најави дека одлуката околу (не)учеството на ВМРО-ДПМНЕ на претстојниот референдум ќе биде донесена најдоцна до 10 септември, за кога е закажан стартот на кампањата.
Во моментот трае акцијата на ВМРО-ДПМНЕ ‘Лето за Македонија’, континуирано сме на терен меѓу граѓаните, разговараме со стотици граѓани на дневна основа, ги консултираме и партиските тела, така што во периодот што следува ќе имаме состанок на извршниот и на централниот комитет на партијата. Во вакви значајни историски моменти за Македонија е неопходна е темелна и исцрпна дебата во општеството“, рече Мицкоски вчера во Скопје.
На прашањето дали партијата ќе учествува во информативната кампања за договорот за името, рече дека Владата нема капацитет да се справи со ваков предизвик, и дека јавноста во Македонија набрзо ќе биде сведок на уште едно фијаско, кое ќе изобилува, како што кажа, со големи криминали, полувистини и недоречени работи.
Гледаме дека Владата целокупната своја кампања ја темели на тоа дека го сочувува идентитетот. Еве едно прашање до Владата и до сите оние што стојат до таа теза дека е зачуван идентитетот: како е зачуван идентитетот кога институционалниот идентитет ќе се изгуби?“, праша Мицкоски.
Според него, не станува збор само за тоа дали договорот со Грција ќе успее или не, туку за уште многу затскриени опасности што се провлекувале изминатиот период.
За една таква опасност бевме сведоци кога премиерот беше ставен во незгодна ситуација да мора да се извинува и беше повикан од страна на претседателот на Бугарија, така што имаме една егзибиционистичка политика што ни се случува веќе 15 месеци предводена од владата што ја предводи СДСМ. Неопходни ни се реформи во клучните области“, додаде лидерот на опозицијата.
Горан Адамовски