ОН го осуди убиството на Палестинецот во инвалидска количка


Високиот комесар на ОН за човекови права Зеид Раад Ал Хусеин денеска го осуди убиството на палестинскиот инвалид, застрелан во петокот од израелските сили за безбедност при судирите вдолж границата со Газа и повика на независна и непристрасна истрага.

Ибрахим Абу Тураја ги изгубил нозете при израелски воздушен напад пред девет години. Мажот во инвалидска количка беше меѓу Палестинците убиени за време на протести и судирите кон крајот на минатата недела, кои избија по одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да го признае Ерусалим за главен град на Израел.

– Од собраните факти од мојот персонал во Газа, може да се каже дека силата употребена против Ибрахим Абу Тураја, била прекумерна – рече Зеид, додавајќи дека Палестинецот, изгледа, загинал откако бил застрелан во главата, кога бил на околу 20 метри од оградата на границата меѓу Израел и Газа.

Зеид изјави дека со оглед на инвалидитетот на Тураја, нема докази дека тој претставувал закана за израелските сили.

– Неговото убиство е несфатливо – навистина потресно и неоправдано дејствие – рече високиот комесар. Тој го повика Израел веднаш да почне независна и непристрасна истрага за случајот и сите други кои доведоа до ранување или смрт, а виновниците да бидат обвинети.