Крај на извршителското и нотарско елдорадо


Откако Владата ги скрати тарифите за извршителите и за нотарите, фелата во која се вртат огромни пари ја лазат морници. Во прашање била доведена, како што тврдат во реакциите, нивната егзистенција, толку што ќе останеле без леб. Така велат тие. Граѓаните, пак, велат дека конечно се става крај на извршителското и нотарско елдорадо.

Како одговор на мерките тие организираат вонредни собири и консултации, од кои треба да произлезе конечниот став на фелата во однос на измените на законите со кои им се брца директно во џебот. Претседателот на Комората на извршители Зоран Димов рече дека драстично се намалуваат тарифите, со што е доведен во прашање опстанокот на извршителите. Ќе направеле, како што додава, симулација од она што било презентирано од Владата и ќе достават официјален предлог.

И нотарите, како и извршителите, не биле консултирани за измените. Нотарите велат дека ќе поддржат секакви мерки кои се во корист на социјално ранливите граѓани. Но бараат Владата да ги земе предвид и нивните барања бидејќи загрозен бил и нивниот опстанок. Дури 40 канцеларии лани биле во загуба.

Од друга страна, премиерот Заев уверува дека со укинување или со намалување на трошоците на граѓаните при наплата на долг ниту една извршителска или нотарска канцеларија нема да биде затворена.

Една деценија по воведувањето, извршителската дејност во земјава стана веројатно најомразена фела во јавноста. Започна, велат, познавачите, како реформа што требаше да донесе ред, стабилност и сигурност во наплатата, но подоцна се претвори во апсурд кој предизвика револт кај граѓаните. Граѓани, невладини организации, синдикати, инсистираат на мораториум на извршувањето, деблокада на сметките, отпис долгови и ревизија на работењето. За таа цел дел од нив поднесоа закон за отпис на долговите во Собранието.

Закон, пак, за отпис на каматите на долговите во Собранието поднесоа заедно позицијата и опозицијата, а Заев најави дека Владата работи на нов закон за бришење на долговите. Народна банка и Министерството за финансии работеле, според него, и на тоа како да се среди прашањето со трошоците за одблокирање на сметките во банките.

Колку пари се вртат во овој бизнис покажуваат податоците за 2017 година, која е рекордна по повеќе основи. Извршителите лани наплатиле 166 милиони евра, од кои 32 милиони евра од сметките на граѓаните. Со блокирани сметки се соочиле над 80.000 граѓани и околу 35.000 фирми.

Податоците од Централниот регистар, пак, зборуваат и за доходовниот бизнис на нотарите. Во последните пет години во нивните џебови се слеале повеќе од 90 милиони евра приходи и добивка од над 40 милиони евра. Нотарката Анета Петровска, како што беше објавено, четири години била прва на листата на нотари со најголеми приходи. Во периодот меѓу 2012-2016 година таа имала 2,8 милиони евра приходи, а чиста добивка од 1,2 милион евра. Златко Николовски, Елена Пенџерковски, Ана Брашнарска, Боривој Стојкоски, Нада Палиќ, Зорица Пулејкова… исто така може да се пофалат со стотици илјади евра заработка.

Од неколкуте граѓански здруженија – „Но пасаран“, „Човекот над профитот“…, кои беа најгласни против високите давачки на граѓаните за извршителите велат дека ова е голем чекор напред против организираниот грабеж врз граѓаните што го прават извршителите, но повторно апелираат нивниот предлог-закон за отпис на долговите пред 31 декември 2014 година доставен во Собранието сериозно да биде разгледан.

Инаку, законските измени предвидуваат скратени тарифи за наплата на долгови од граѓаните. Така граѓаните за минимални долгови од по неколку стотици денари за комунални сметки, повеќе нема да плаќаат по над 15 илјади денари трошоци само за извршители, нотари, адвокати.

Трошоци пред нотар за сметки од 3.000 денари ако досега изнесувале околу 3.500 денари, сега ќе изнесуваат 550 денари. За истата сметка пред извршител ако граѓаните досега плаќаа над 5.000 денари, сега трошокот им изнесува 660 денари.

Наградите на извршителите драстично се намалуваат така што се става ограничување дека при извршување на платни налози за комунални трошоци, наградата не може да биде повеќе од 20 отсто од висина на главниот долг. Нотарската награда, пак, ќе изнесува 10 отсто од главниот долг, но не повеќе од 500 денари.

Исто така, за сметки за вода, смет, телефон и одржување заеднички простории во висина до 6.000 денари нема да биде потребно учество на адвокати, како и за сметки за струја и парно до 15.000. Законот ќе важи ретроактивно бидејќи е во полза на граѓаните и ќе важи за сите оние кај кои постапките за наплата на долговите е веќе започната, но не и за оние што веќе платиле дел од долгот.

„Многу професии нема да бидат среќни од оваа измена, но граѓаните го имаат последниот збор, ова е социјална држава“, рече министерката за правда Дескоска. И беше во право. (Н.К)