Околу 300 лица приведени во Русија на протестите поради пензиските реформи


Илјадници поддржувачи на рускиот опозиционер Алексеј Навални се приклучија денеска на протести ширум Русија против планираните владини пензиски реформи.

Најмалку 290 демонстранти се уапсени од полицијата, тврди организација за заштита на човековите права.

Протестите, од кои некои полицијата ги растури со палки и извлекување на учесниците, се предизвик за властите, кои се надеваат на голема излезност денеска на регионалните избори и покрај огромното незадоволство поради планираното зголемување на возраста за заминување во пензија.

– Властите не го слушаат народот и тоа значи дека е време да се излезе на улица, изјавија приврзаниците на Навални во соопштение.

Предложените измени во пензискиот систем, кои се веќе внесени во Парламентот, го намалија рејтингот на рускиот претседател Владимир Путин за 15 проценти и претставува најнепопуларната владина мерка од 2005 година досега.