Околу 14 отсто граѓани имаат оштетувања на бубрезите


Околу 14 отсто од населението во Македонија страда од хронична бубрежна болест,  рече д-р Оливера Стојчева Танева од Клиниката за нефрологија, на вчерашната конференција по повод Светскиот ден на бубрегот, кој се одбележува в четврток.

Хронично бубрежната болест е светски проблем со несакан исход и предвремена смрт. Зафаќа околу 195 милиони жени и е 8-ма водечка причина за смрт кај жените, со приближно 600.000 смртни случаи годишно. Ризикот за развој е подеднаков висок кај мажите и кај жените. Според некои студии, ХББе поверојатно да се разви кај жените отколку кај мажите со просечна преваленца од 14 отсто кај жените и 12 отсто кај мажите. Болеста е подмолна и болните не се свесни дека ја имаат.

-Постојат едноставни рутински тестови за навремено детектирање на болестите. Се мери креатининот во крвта, се калкулира бубрежната функција и се мери излачувањето на албумин. Треба примарно да дејстувуваме и да не дозволиме да дојде до хронично оштетување. Доколку дојде до оштетување, тогаш да влиајеме на факторите – рече Стојчева Танева.

Според д-р Менче Неделкоска, доктор во Центарот за дијализа “Диамед Македонија“, повеќете луѓе со хронична бубрежна болест немаат симптоми бидејќи телото може да толерира значително намалување на бубрежната функција.

-Присуството на ХББ може да остане недијагностицирано долго време. Единствен начин е да се направи процена на ГФР на бубрезите и тест на урината за присуство на албумин со што се проценува оштетувањето на бубрезите. Некои симптоми за бубрежно заболување кај жените се зголемен замор, недостаток на концентрација, слаб апетит, несоциница, ноќни грчеви во мускули, отоци околу очите и нозете, сува кожа, чешање и често мокрење – рече Неделкоска.

Според Душко Ѓорѓиев, претседател на „Нефрон“, Здружение на бубрежно болни пациенти, откако државата ги даде центрите за дијализа под концесија, секој пациент може да прави дијализа во своето место на живеење. Тој препорача и во иднина да се работи на подобрување на условите за овие пациенти и на превенцијата од ова заболување.

Конференцијата ја организира Центарот за дијализа „Диамед Македонија“ и со тоа го одбележа својот 4-ти роденден. Годинава, Светскиот ден на бубрегот се совпадна со 8 март и поради тоа конференцијата беше насловена како „Бубрезите и здравјето на жените“.