Од утре почнува расправата по Предлог-буџетот за 2018 година


Во Собранието утре почнува расправата по Предлог-буџетот за 2018 година. Предложениот буџет е на дневен ред во матичната Комисијата за финансирање и буџет, каде според деловникот расправата трае 10 работни денови.

Вкупните приходи за 2018 година се планираат на ниво од 193.512 милиони денари, а расходите се планирани на ниво од 211.745 милиони денари, односно 3,4 милијарди евра. Вака планираните приходи и расходи резултираат со намалување на буџетскиот дефицит на ниво од 2,7 проценти од БДП или 18.233 милиони денари во апсолутен износ. Ќе се финансира од домашно и надворешно задолжување, а со цел да биде пониско задолжувањето, се зголемува акцизата на нафтата за три денари од 1 јануари 2018 година.

Ова ниво на дефицит, според Владата, ја одразува определбата за постепена фискална консолидација, како резултат на строгата контрола и силната буџетска дисциплина при намалување на непродуктивните расходи, со истовремено обезбедување на значителен износ на капитални инвестиции и субвенции за поддршка на домашната економија, кои ќе обезбедат подобрување на економските перформанси.

Вкупните приходи за наредната година се поголеми за 4,7 проценти во однос на оваа година, додека приходите за 4,1 процент.

Со предложениот буџет пари се предвидени за капитални инвестиции, за навремена и непречена исплата на плати, пензии, социјални трансфери, поддршка на домашни компании,

Од даноци се планира да се соберат 114,979 милиони денари што е за 7,5 проценти повеќе од годинава. Од придонеси се очекуваат 55,403 милиони денари, односно за пет проценти повеќе од годинава. Ваквото зголемување е од очекуваното раздвижување на економијата, зголемување на вработеноста и на платите на вработените.

Од вкупните расходи, односно од буџетот за тековни расходи ќе одат 187,100 милиони денари, за плати и надоместоци 27,103 милиони денари кои се за 1,8 проценти повисоки од оние годинава, за стоки и услуги 17,463 и тие се пониски за 1,1 процент. Повеќе пари ќе се трансферираат до општините за 5,2 проценти или 17,947 милиони денари, за 10,5 проценти во однос на оваа година е зголемена ставката за субвенции и трансфери за што се предвидени 17,209 милиони денари, зголемување од 4,1 процент има и кај социјалните трансфери кои следната година се проектирани на 98,694 милиони денари и 5,3 проценти зголемување има кај капиталните расходи кои се проектирани 24,645 милиони денари.

Државата најмногу, односно 32 проценти одвојува за социјална и детска заштита, 19 проценти за економски развој и финансиски работи, 14 проценти за здравство, 11 проценти за образование, наука и спорт, по пет проценти за градежништво, транспорт, комуникации и екологија и за јавен ред и безбедност, три проценти за одбрана, по два процента за надворешни работи и ЕУ интеграции и за култура и по еден процент од вкупниот буџет се предвидени за судство и регионален развој.

Владата планира намалување на средствата за непродуктивни трошоци. Расходите за стоки и услуги се проектирани на износ од 17.463 милиони денари, со што се обезбедува редовно и непречено подмирување на обврските на буџетските корисници, вклучувајќи и обезбедување на средства за финансирање на здравствените програми, со цел унапредување на здравјето и подобрување на здравствената заштита на населението. За стоки и услуги следната година државата ќе потроши помалку пари за 203 милиони денари во однос на оваа година.

Ќе се трошат повеќе средства за капитални расходи кои се проектирани на ниво од 24.645 милиони денари, наменети за интензивирање на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања за довршување на автопатот на Коридор 10 и железничката инфраструктура, енергетската и комунална инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството.

За патната и железничка инфраструктура е предвиден износ од 3.506 милиони денари, во енергетската и комунална инфраструктура 5.778 милиони денари, за здравствениот сектор планирани се инвестиции во износ од 1.859 милиони денари, инвестициите планирани во здравствениот сектор се планирани на ниво од износ од 1.859 милиони денари, во образованието, детската заштита и спортот 2.440 милиони денари, за поддршка на земјоделскиот сектор предвиден е зголемен обем на капитални инвестиции во износ од 2.604 милиони денари и во областа на правосудство планирани се средства во износ од 544 милиони денари.

Во Буџетот се предвидени и зголемувања на платите за 10 проценти кај припадниците на АРМ и по пет проценти кај вработените во образованието и градинките, како и здравствените работници. Вкупните средства предвидени за плати во Предлог-буџетот се 27.103 милиони денари.
За пензии се предвидени 54.000 милиони денари се наменети за исплата на пензии, каде е вклучено и предвиденото законско усогласување на пезниите со растот на платите и на трошоците на живот.

Наредната година државата планира да се задолжи вкупно 52,539 милијарди денари на домашниот и странскиот пазар. На домашниот пазар државата предвидува да се задолжи 17,7 милијарди денари, а на странскиот пазар 34,839 милијарди денари.

Покрај задолжувањето државата планира наредната година износ од 12,246 милиони денари за отплата на домашни задолжувања и 10,418 милиони денари за отплата на странски задолжувања. Кај отплатата по основ на домашни задолжувања следната година има за 31 процент повеќе, а кај странското задолжување отплатата е поголема за 15 проценти.

Со Предлог-буџетот се предвидува македонската економија следната година да има раст од 3,2 проценти, а стапката на инфлација 1,7 проценти.

По предложениот текст има поднесено вкупно 239 амандмани