Од СДСМ ништо ново


Здравко Савески

Ќе донеле живот во Македонија, ќе биле реформска влада, ќе биле поинакви од ВМРО-ДПМНЕ. Не поминаа ниту неколку месеци и се покажа – царот бил гол. Каде што застанаа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, продолжија СДСМ и ДУИ.

Тоа е видливо на повеќе полиња. Меѓу другото, нема промени и во економската сфера. За време на владеењето на Никола Груевски со Македонија не беше само згазена демократијата. Дојде до големо осиромашување на народот, осиромашување кое статистичките податоци не го прикажуваат соодветно. Дојде и до голема прераспределба на богатството во корист на богатите. Додека обичниот човек сè потешко врзуваше крај со крај, богатството на олигарсите достигнуваше невидени размери. А тоа што сиромашните стануваат посиромашни, а богатите побогати не е никаков природен процес, туку резултат на свесни владини политики.

СДСМ пред изборите глумеше дека е против тоа. Осиромашениот народ му поверува. Оние со подобар увид во работите гледаа дека сето тоа е продавање магла, дека партијата на чие чело стои бизнисмен нема да работи против интересите на крупниот капитал. Уште првите потези на власт го навестија тоа, а по првите шест месеци веќе е сосема јасно дека од една бизнис-партија како СДСМ било целосно нереално да се очекува да не се однесува како таква.

Ја продолжија даночната политика на ВМРО-ДПМНЕ. Ако во меѓувреме се увериле дека таа била добра, нека ѝ го кажат тоа на јавноста. А ако мислат дека била погрешна, зошто не ја променат? Не можеле „преку ноќ“ сè да променат? Настрана тоа дека шест месеци не е период „преку ноќ“. Веќе направија измени во законите што се однесуваат на оданочувањето, но привилегиите на богаташите не ги чепнаа! Со задолжувањето на штета на идните генерации можеше да се продолжи! Акцизата на нафтата можеше да се зголеми! Зошто за тоа не напишаа во изборната програма? Или, пак со старата финта, пред избори ќе се правиме многу фини, а кога ќе ја освоиме власта, ќе си тераме како што ни одговара нас и на газдите што стојат зад нас?

Даночната политика на власта на СДСМ многу кажува. Кажува дека се работи за партија која ги брани интересите на олигархијата, на крупниот капитал, исто како и ВМРО-ДПМНЕ и дека во тој поглед не дојде до промена во власта. Досега владееше едната партија на крупниот капитал, сега владее другата. Народот – ќе го стрижи и осиромашува и втората како и првата.

1) Данокот на добивка. Од овој данок многу зависат профитите на газдите. Него не го плаќа обичниот народ, туку само фирмите и оние што нив ги поседуваат. А со тие пари, една социјално одговорна власт би можела да ја намали сиромаштијата. За да им остави повеќе пари на газдите, ВМРО-ДПМНЕ во 2007 година го намали данокот на добивка од 15 на 10 отсто, значи, за цела една третина. Иако ВМРО-ДПМНЕ им ја промени стапката на данокот на добивка, СДСМ се помири со тоа и повеќепати нагласи дека нема да ја чепка. А можеа, на пример, да ја задржат стапката од 10 отсто за малите фирми и да воведат дополнителна стапка од 15 отсто за големите фирми кои остваруваат големи профити. За овие вторите, стапката на данокот на добивка ќе станеше иста како и во времето пред Груевски да ги збогати дополнително. Но, не! И СДСМ сака да ја ужива поддршката на големите газди.

2) Привилегиите на ултрабогатите во однос на придонесите од плата. ВМРО-ДПМНЕ ги намали и придонесите од плата. И, за евтини политички поени и за дополнителни приходи на газдите, уште повеќе ја влоши состојбата со пензискиот систем. Во дадената ситуација веројатно СДСМ не можеше уште веднаш да чепка во придонесите од плата. Максимумот што може да се направи во овој момент е преку субвенции да се зголеми придонесот за пензиско и инвалидско осигурување. Но, ако за ова не може да му се забележи на СДСМ, тие заслужуваат најостра критика што го продолжија законското привилегирање на ултрабогатите со кое тие, за разлика од 99 отсто од граѓаните, плаќаат придонеси на плата само на мал дел од нивните плати.

Еве што стои во изборната програма на СДСМ: „Ќе ја укинеме максималната горна граница за плаќање на придонеси на плата, со цел да го отстраниме регресивното даночно оптоварување на платите. Во моментов, поради постоењето на максималната горна граница за плаќање на придонеси на плата, на граѓанин што има бруто-месечна плата од 600 илјади денари, вкупните придонеси и данок му изнесуваат 17 отсто од бруто платата, додека на граѓанин што има минимална бруто месечна плата (14.114 денари), вкупните придонеси и данок му изнесуваат 32 отсто од бруто платата. Ова не е праведно!“

Не е праведно, но наместо укинување, СДСМ реши да направи корекција на максималната горна граница. И да ни фрла магла во очите. Наместо 12, максималната граница сега е 16 просечни плати. Врз основа на ова привилегирање на ултрабогатите само на најплатениот директор во 2016, значи само на платата на еден човек, буџетот беше оштетен за околу 645.000 евра. Со тоа што максималната граница е малку повишена, најплатениот директор месечно ќе зема 202.600 наместо 204.000 евра, а државата ќе надомести 17.000 од изгубените 645.000 евра. Колку ова значи промена на политиката на ВМРО-ДПМНЕ, а колку е фрлање магла во очи, самите проценете.

3) Персоналниот данок на доход. Колку само трубеа дека рамниот данок е неправеден и дека ќе го вратат прогресивниот данок! И што бидна со тоа? Ќе отвореле јавна дебата дали да го враќаат прогресивниот данок или не. Со гласањето за одредена партија, граѓаните даваат и поддршка за нејзината изборна програма. Оттука, што е спорно ако го применат она што го ветиле? И зошто околу ова морало јавна дебата, а околу акцизата на нафтата, неспомната во изборната програма, не требало? Имајте го предвид и ова. Веќе направија измени на Законот за персонален данок од доход и променија дури 40 члена во него. Воведоа промени кај плаќањето данок на најсиромашните земјоделци за кои не е јасно дали се во нивна корист или штета, ама – околу враќањето на прогресивното оданочување прво да дебатираме. Фактички, она што го сакаат е да добијат изговор и него да не го остварат.

За потсетување, пред Груевски да воведе рамен данок (по само шест месеци откако седна во фотелјата), имаше прогресивен данок со стапки од 15, 18 и 24 отсто. Нив Груевски ги намали и изедначи на 10 отсто. „Вишокот“ пари, очекувано, не завршија кај работниците, туку во џебовите на газдите. Предлогот на СДСМ за прогресивен данок е компромис помеѓу прогресивниот данок што им го укина ВМРО-ДПМНЕ и рамниот данок што тие го воведоа. И предвидува две наместо три стапки, при што втората стапка е поставена на висината на плата каде што претходно беше поставена третата стапка. Односно, ако претходно платите над 1.000 евра се оданочуваа со 24 отсто, СДСМ предлага тие да се оданочуваат со 18 отсто.

Се согласувам дека предлогот на СДСМ не е многу добар. Со оглед на енормното концентрирање на богатството во џебовите на најбогатите 1 отсто од населението, веројатно е поефикасно да се воведат три наместо две стапки, до 1.000 евра – 10 отсто , од 1.000 до 1.500 евра – 15 отсто и над 1.500 евра – од 20 до 25 отсто. Но, не берете гајле. СДСМ под јавна дебата не мисли давање на вакви предлози. Мисли на добивање поддршка да ја продолжи даночната политика на Груевски.

Се разбира, кога зборуваме за поголемо оданочување на богатите, треба да се нагласи дека тоа не е цел сама за себе. Тие пари не треба да бидат злоупотребени од власта, туку треба да се искористат во насока на зголемување на социјалната правда. Со тие 645.000 евра што државата ги изгуби по основ на привилегирање на најплатениот директор, може да се обезбеди социјална парична помош за 553 домаќинства со четири лица. Но, ако тие пари функционерите ги потрошат на „патни трошоци“, тогаш поголемото оданочување на богатите ја губи смислата. Затоа, тоа мора истовремено да биде придружено со подомаќинско трошење на буџетските пари, нешто што СДСМ очигледно не е подготвен да го прави.

(Авторот е политиколог и член на Левица)