Од МРТВ никако да се тргнат рацете на политиката


Марјан Цветковски ќе остане на чело на МРТ сѐ додека не се донесе новиот закон за аудио и аудиовизуелни услуги, а кога ќе се случи не се знае,бидејќи оваа регулатива е заглавена во парламентот. Истото важи и за Советот на МРТ, како и за директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги Зоран Трајчевски и за Советот на оваа институција, на кои мандатот би им престанал со донесувањето на новиот закон, кој предвидува сосема поинакви услови за избор на раководните функции во медиумската сфера.
Особено раководството на МРТ, во претходните години, беше многу критикувано за необјективност и за пристрасност кон поранешната владејачка гарнитура на чело со ВМРО-ДПМНЕ. Поради тоа, граѓански активисти со месеци одржуваа протести пред зградата на јавниот сервис во центарот на Скопје, а пред предвремените парламентарни избори во 2016 година, како резултат на политички договор, беше именуван времен уредник на информативната програма на телевизијата, на предлог на тогаш опозицискиот СДСМ. Но, и покрај тоа Советот на јавниот сервис, чии членови беа избрани од претходното парламентарно мнозинство, му доверија пред неколку месеци уште еден директорски мандат на Цветковски, што предизвика многу реакции во јавноста, па и сомневања за пазар меѓу владејачките партии и опозицијата.
За утре е закажана нова седница на собраниската Комисија за транспорт и врски, каде што на дневен ред е амандманска расправа за законот за аудио и аудиовизуелни услуги, кој беше претходно усогласуван во една од работните групи на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Комисиската расправа почна во понеделникот, кога, по неколку часа расправа и неколку паузи, беше разгледан и одбиен само еден амандман на ВМРО-ДПМНЕ. Со тој амандман се бараше намалување на примањата на членовите на Советот на АВМУ од четири на две просечни плати во државата. ВМРО-ДПМНЕ, исто така, повлече еден од шеесетината амандмани што ги поднесе, наспроти десетина амандмани на СДСМ. Ако комисиската расправа продолжи со вакво темпо, неизвесно е кога законот ќе стигне до фаза на гласање на пленарна седница.

Претседателката на Комисијата за транспорт и врски, Лилјана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ, ни изјави вчера дека нема ограничување до кога треба да се разгледаат поднесените амандмани и до кога Законот треба да се стави на дневен ред на пленарна седница, во второ читање.
„Тоа зависи од членовите на Комисијата и од тоа како ќе тече расправата. Поднесени се 75 амандмани од кои шеесетина се на ВМРО-ДПМНЕ. Тие амандмани ги подготвивме во консултации со здруженија од медиумската сфера и со цел да се подобри регулативата во оваа област“, вели Затуроска.
Во февруари годинава, Цветковски беше реизбран за директор на МРТ во конкуренција од 12 кандидати, а откако претходно шест години директоруваше исто така со јавниот сервис. Таква одлука донесе програмскиот Совет на МРТ, со кој претседава Смилка Јаневска-Саркањац. Здружението на новинари на Македонија и тогаш реагираше дека најмалку четворица членови на Советот кои гласаа за Цветковски, во оваа тело се избрани спротивно на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, според кој лицата кои во последните пет години биле носители на јавни функции не може да бидат избрани за членови на Програмски совет. Од ЗНМ бараа парламентот да констатира неспоивост на функции и да ги разреши од Програмскиот Совет на МРТ поранешните пратенички на ВМРО-ДПМНЕ Јагнула Куновска и Косана Мазнева, поранешниот амбасадор Агим Лека и Снежана Клинчарова, поранешен портпарол на општина Бутел. Во меѓувреме, МВР поднесе кривична пријава против Цветковски, под сомнение дека во 2016 година ја злоупотребил службената положба при спроведување јавна набавка за електронско мерење на ТВ-аудиториум.
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, во интервју за „Независен весник“ рече дека со новата регулатива се создава простор за професионалците и за луѓето од фелата да си ги заземат местата и во Агенцијата за медиуми и во Програмскиот совет на МРТ, во јавна, транспарентна процедура за избор со двотретинско мнозинство во парламентот.
„Нашите раце се тргаат од МРТ и од Агенцијата за медиуми со донесувањето на законот. Тие луѓе што ќе бидат избрани ќе треба потоа да изберат менаџерски тим, кој ќе каже што треба да се преземе со МРТ, колку пари се потребни, но и зошто се правени толкави долгови, а состојбата е таква каква што е“, изјави Манчевски. (А.М.М.)