Од инвестирањето ќе направиме успешна приказна


Владата работи на нови мерки за привлекување на директни странски инвестиции вели во интервју за „Независен весник“ директорот на Агенцијата за странски инвестиции Дарио Николовски. Според него поголем фокус во наредниот период ќе се стави на промоција на извозот.

Буџетот на Агенцијата за странски инвестиции и за промоција на извозот за следната година е намален за два ипол пати споредено со годинава. Ќе изнесува само околу 2,1 милион евра, за разлика од 5,6 милиони евра предвидени за годинава. На што е скратено најмногу?

-Буџетот e скроен според сратегијата за развој и поддршка на компаниите на Владата и заложбите за одговорно и ефективно искористување на државните пари. Имено, Агенцијата досега имаше 33 промотори распределени во различни земји за кои се одвојуваше значителен дел од буџетот. Во 2018 година не е предвиен буџет за истите со што се намалуваат трошоците. Анализите покажаа дека ефектот од работењето на промоторите е незначителен и оттаму оваа одлука.  Дополнително, донесовме одлука да се запре со медиумската кампања и скапите реклами на странски медиуми и со тоа го направивме второто големе кратење на непродуктивните трошоци. Овие заштеди ги пренаменуваме за поддршка на извозот и на домашните компании. Едно од главните предизборни ветувања беше токму ова и доследно го реализираме. Македонските производители имаат огромен потенцијал за извоз и ние максимално ќе ги поддржиме.

Дали кратењето на буџетот на Агенцијата директно ќе се рефлектира врз привлекувањето на странски инвестиции?

-Има многу механизми за привлекување на странски инвестиции кои не вклучуваат прескапи медиумски кампањи. Не само што нема да се намалат инвестициите, туку очекуваме нивно зголемување. Во моментов се преговара со неколку големи компании кои планираат да инвестираат во Македонија и верувам дека наскоро ќе ги објавиме. По стабилизацијата на политичката состојба во земјата и европскиот курс на новата Влада, бизнис климата значително се подобрува. Ова го забележуваат странските компании и од досегашните разговори имаме одличен фидбек.

Колку економски промотори има во моментов и во колку земји имаме промотори? Кој е планот на Агенцијата за економските промотори? Дали ќе останат во ваша надлежност и во ист број или можеби ќе бидат укинати?

-Како што кажав, во текот на 2017 година договорите за промоторите нема да се продолжуваат.  Вицепремиерот Кочо Анѓушев веќе најави дека се менува концептот на економски промотори и дека владата ќе ангажира 20 економски аташеа кои ќе бидат испратени само на места атрактивни за македонската економија. Ова ќе бидат стручни кадри кои пред заминувањето ќе мора да поминат двомесечна обука и да го запознаат македонското стопанство. Нивната задача ќе биде да ги промовираат македонските производи и да привлекуваат инвестиции.

Дали има интерес од странските инвеститори откога вие сте на чело на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот? Колку од нив се нови, а колку од нив се од времето на претходното раководство во Агенцијата?

-Интерес од страна на странски компании за инвестирање во Македонија има и слободно можам да кажам дека  е голем.  Некои средби и проекти веќе беа најавени во медиумите, а останатите се во фаза на преговарање.  Процесот  на привлекување на странски директни инвестиции во Македонија бележи нагорен тренд. Со новата економска политика за само неколку месеци во делот на економијата и привлекување на инвестиции Владата успеа  да создаде многу успешни приказни. Во моментот има 19 компании со кои Владата е во директни преговори во последна фаза, а со дел од нив веќе имаме потпишани договори. Се работи за компании кои во најголем дел се од земјите од Европска унија. Уверен сум дека во блиска иднина ќе имаме и најави за остварени договори за инвестирање.

Како резултат на поволностите што се нудат на инвеститорите во Македонија, во светот го промовиравме брендот “New Business Heaven of Europe“.  После 10 години со оваа кампања, дали Македонија може и натаму да го промовира овој бренд за странските инвеститори и дали можеби е потребно ребрендирање?

-Поволностите за инвеститорите се важни, но не смеат да бидат на штета на граѓаните и на домашните компании. Како што веќе напоменав, Владата на работи на новите мерки за странските директни инвестиции што во моментов се во работна верзија. Она што можам да го кажам е дека внимателно се подготвуваат во консултации со бизнис заедницата со цел новите услови да бидат погодни и за инвеститорите, но и за македонската економија, граѓаните и домашните компании. Ова е суштинската разлика меѓу моделот на претходната и оваа Влада.

Новата Влада донесе одлука да ги прекине рекламите од кампањата Invest in Macedonia на CNN и BBC. Ќе продолжи ли оваа кампања и во каква форма? Беше објавено дека претходната Влада многу трошела на овие кампањи. Колку планирате да потрошите вие?

-Новата Влада донесе одлука да ги прекине рекламите од кампањата Invest in Macedonia на CNN и BBC и таа нема да продолжи идната година. Како што реков, во 2018 година во фокусот на Агенцијата, покрај привлекувањето на странски директни инвестиции ќе биде и промоцијата на извозот, па така средствата што ни се доделени ќе се користат за таа намена.

Дел од надлежностите на Агенцијата за странски инвестиции е меѓу другото и промоција на извозот. Кои се плановите и мерките во оваа насока? Планирате ли да ја промените политиката што беше досега? Кои се вашите мерки кога станува збор за промоција на извозот на домашните компании?

-Кога станува збор за промоција на извозот на Македонија, планираме најголемиот акцент во наредниот период да го ставиме на домашните компании. Во услови кога малите и средни претпријатија сакаат да ја зголемат нивната конкурентност и да играат позначајна улога како на внатрешниот така и на меѓународниот пазар, тие мора постојано да се надградуваат, да го зголемуваат бројот на вработените, да имаат поголемо производство и да го зголемат својот профит.Во таа насока ќе бидат и нашите заложби, привилегиите за странските иневститори да бидат достапни и за домашните компании. Бизнис климата во земјава ќе се подобрува преку измени во регулативата со што домашните компании ќе имаат повеќе можности за инвестирање и раст. Дополнително, економските аташеа за разлика од промоторите, ќе бидат задолжени и за промоција на извозот и македонските производи па очекуваме далеку подобри резултати и зголемување на извозот.

Александра Спасевска