Од идниот месец во Гостивар повторно ќе се наплаќа паркингот


Од октомври паркирањето по гостиварските улици повторно ќе се наплаќа. ЈП „Јавни паркиралишта и зеленило” склучи Договор со фирма која ќе го спроведе зонското паркирање со најава дека новиот системот ќе биде најсовремен во регионот.

Договорот за јавно-приватно партнерство помеѓу ЈП „Јавни паркиралишта и зеленило” и Електро Софт Инженеринг, претставниците на двете претпријатија го потпишаа во присуство а градоначалникот Арбен Таравари.

Според локалната власт, Договорот е во корист на општината и нејзините граѓани, а доаѓа неколку месеци по поништувањето на штетниот договор склучен во минатиот мандат.

– Претходниот договор беше штетен, бидејќи 62 отсто од наплатата за паркирање одеа за јавното претпријатие, а за приватниот партнер 38 проценти. Новиот Договор е поповолен зашто 90 проценти од средствата ќе одат за општината, односно за јавното претпријатие, а само 10 за приватниот партнер, изјави градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари по потпишувањето на Договорот.

Таравари очекува зонското паркирање да почне за две недели. Со проектот е предвидено преку посебна апликација возачите да добиваат известувања за слободни места за паркирање.

Директорот на  „Електро Софт  Инженеринг“ Златко Ризов потврди дека за две недели почнува првата фаза на проектот, односно зонското паркирање. Во втората фаза ќе бидат пуштени во употреба два затворени паркинга, а во третата фаза, наредната година да почне примената на сензори.

– Системот со сензори ќе им овозможи на возачите преку мобилен телефон точно да знаат каде има слободен паркинг, а и без таа апликација на мобилен ќе можат да се ориентираат преку инсталираната светлосна сигнализација. Кога ќе го направиме тоа, Гостивар не само што ќе биде првиот град во Македонија со такво  паркирање, туку најверојатно и на Балканот, изјави Ризов.

Актуелната власт веднаш по локалните избори го раскина договорот кој беше постигнат со компанија од Скопје. Во меѓувреме, паркирањето по градските улици беше бесплатно.