Од Домот „25 мај“ демантираат: Во приказната за трудното девојче има куп лаги


Куп лаги и непроверени информации – вака Стевчо Соколовски, директор на ЈУ за згрижување деца со воспитни проблеми „25 мај“ ги коментира наводите дека постар маж од оваа институција сексуално малтретирал 13 годишна штитеничка, по што вчера таа абортирала на Клиниката за гинекологија.

Случајот вчера го обелодени Европскиот центар за правата на Ромите (ЕЦПР), кој ги ги повика надлежните власти веднаш да реагираат.

-Нема никаква врска дека девојчето е злоупотребено од наш вработен. Тоа дете има поминато низ пет-шест институции и од секаде бегала. Од родителите не е одземена поради сириомаштија, како што пишува таму, туку затоа што ја злоупотребувале за питачење и слично. Ние сега имаме Управен одбор, подготвуваме информација со која ќе ги демантираме сите невистини – вели Соколовски.

Засега нема информација каде е девојчето и дали ќе се покрене истрага за да се утврди што точно се случувало.

Во извештајот на ЕЦПР стои дека слични сведочења дале и две сестри – Ромки, кои исто така се штитенички на домот за згрижување деца „25 Мај“, на возраст од 16 и 13 години. Според нивните искази, постар маж, кој се идентификувал како вработен во Центарот за социјална работа, ги земал од домот за згрижување и ги однел на старата железничка станица во Скопје, каде што врз нив извршил сексуално малтретирање. Нивната мајка го пријавила случајот во полиција и ги однела на гинеколог, кој заклучил дека девојките навистина биле жртви на сексуално насилство.

Од Домот „25 мај“ велат дека такви две сестри воопшто немало кај нив.

Според ЕЦПР, тие на 1 март 2017 година добил информација од родителите на 13-годишното девојче дека тоа исчезнало од домот „25 Мај“. „Одговорните лица не го пријавиле нејзиното исчезнување ниту во полиција ниту на нејзините родители. Според нејзиното сведочење, пред откриеното сексуално малтретирање, девојката била принудно земена од страна на постар маж од институцијата, кој со возило ја одвел во својот дом во друг град. Таму таа била принудена на сексуални односи и физичка работа. Успеала да избега по 30 дена и да се качи на автобус за Скопје, а полицијата ја нашла на Бит-пазар“, наведуваат од организацијата.

Како што додаваат од ЕЦПР, девојчето опишало дека претходно било однесено во детски летен камп во Струга, заедно со други деца од државниот дом за згрижување. Таму непознат маж сексуално ја малтретирал пред да биде вратена назад во Скопје. Кога ги пријавила овие малтретирања кај згрижувачите од државната институција, била обвинета дека лаже и дека ги измислува настаните.

Потоа, како што се наведува во соопштението, девојката била пренесено во друга државна институција за згрижување – „Ранка Милановиќ“ во Скопје, каде што открила дека останала бремена како резултат на сексуалното насилство. „Независен весник“ се обиде, но не успеа да ги добие одговорните во „Ранка Милановиќ“ за да прашаме дали девојчето по абортусот е вратено кај нив.

„Во најдобар случај одговорните лица домот „25 мај“ биле небрежни во однос на сексуалното малтретирање што се случувало таму, а во најлош случај тие се соучесници во делото“, рече претседателот на ЕРРЦ, Ѓорѓе Јовановиќ, според кој, овие девојки и нивните семејства се исклучително храбри во своите напори да ги изведат пред суд одговорните што дозволиле ова да се случува.

Во Домот „25 мај“ се згрижуваат деца со воспитни и социјални проблеми, одземени од родителите. Бегствата на штитениците од овој Дом се чести, што се гледа и од дневните билтени на МВР. Децата или наоѓаат начини да се вратат кај родителите, или некаде лутаат.

С.С.З.