Од денес ќе се минира во „Казандол“, валандовчани на нозе!


Инвеститорот на рудникот „Казандол“ вчера ги известил жителите на општина Валандово дека од денес ќе почне со минирање, објавија од иницијативата „Спас за Валандово“.

За ова валандовчани биле известени преку соопштение на „Радио Валандово“.

На изградбата на рудниците на југоистокот од државата се противеа граѓаните на Валандово, Гевгелија, Дојран, Богданци и останатите засегнати места од регионот.

Минатата недела се одржаа два паралелни протести за спас на југоисточниот регион и тоа еден во Валандово и уште еден пред Владата во Скопје. Учесниците во протестите велат дека во прашање се доведени здравјето и судбините за околу 400.000 жители.

Според достапните информации, концесионер на Казандол е „Сардич МЦ“, која што е дел од „Копер Инвестмент“, а инвестицијата ја најави поранешниот премиер Никола Груевски во 2013 година, првично најавена како англиска, па англиско-украинска, за на крај да остане само на украинска.