Директорот на „Јасен“: Дивите свињи секако ќе завршеа во кланица


Не беше масакр, туку санитарен отстрел на диви свињи, вели директорот на ЈП кое управува со повеќенаменското подрачје „Јасен“, Новица Зечевиќ, објаснувајќи како се случи во време на ловостој, на 31 март, да бидат застрелани 57 диви свињи.
„Основна дејност на ‘Јасен’ е ловот. Имаме и сопствен репроцентар, за одгледување и заштита, како и за обезбедување на природната рамнотежа на дивечот. Оние единки што не ги задоволуваат критериумите, имаат недоволен раст, не просперираат, ги ставаме во посебна ограда од 25 хектари, во ‘Јасен 1’ кај Матка. Тој простор е строго контролиран, знаеме што има таму. Не се пуштаат женски единки, само тие што се за санитарен отстрел, тие чија генетика не дозволува да се развиваат како што треба. И место да ги носиме во кланица, се организира лов. Тоа е санитарен лов“, ни изјави директорот Зечевиќ.
„Балкан хантер клаб“ е ловниот туроператор од Република Бугарија кој го организирал ловот. Зечевиќ вели дека еднаш во годината задолжително има ваков лов, а ако има потреба, и двапати.
Според Законот за ловство: „ловостојот не се однесува на машките видови дивеч и тоа: срнак, обичен елен, елен лопатар, муфлон и дива свиња, доколку истиот се одгледува во оградени простори за интензивно одгледување и застрел на дивеч“.
„За овој лов го известивме Државниот инспекторат за шумарство, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и Ветеринарниот инспекторат, како што налага Законот. Пред секој лов ни даваат насоки кои мостри треба да ги земеме. По отстрелот, примероците се праќаат на анализа, а ние добиваме ветеринарен сертификат за исправноста на месото. Потоа го купуваат елитни ресторани, односно луѓе што сакаат диво месо, а ние гарантираме за исправноста на месото“, укажува Зечевиќ.
Веќе биле проверени 20 мостри.
Здружението за заштита на животни „Анима мунди“за случајот најави дека ќе поднесе пријави против инволвираните лица.
„Амбиент од штотуку масакрирани 57 интелигентни и свесни живи битија, мирис на крв е нешто што кај секој нормален човек предизвикува гадење. Но не и на вооружени до заби насилници умствено заглавени некаде таму во пештерска доба, кои во убивањето и смртта на послабите доживуваат своевидна екстаза, чувствуваат доминација и сила; задоволство – нас не би не чудело – слично на онаа при сексуално доживување“, реагираше „Анима мунди“ прашувајќи до кога Македонија ќе толерира и ќе заработува од најбрутална експлоатација на природата и до кога ќе бидеме омилена дестинација за убивање на илјадници ловџии кои кај нас доаѓаат и масакрираат животински видови кои во нивните матични држави се најстрого заштитени со закон?
Нано Ружин, поранешен амбасадор, кој учествувал со уште неколкумина јавни личности во ловот, подоцна се јави со објаснување дека не е ловец и дека му е разбирливо што невладините бараат некои консеквенции, иако не знае колку од правен аспект тие се оправдани.
Нема плата во „Јасен“
Вработените во „Јасен“ пред Велигден не земаа плата. На прашањето зошто ако е интензивиран ловот во „Јасен“ нема пари за плати, директорот посочува на големите долгови што ги наследил.
„Два месеца сум директор на претпријатието. Во ‘Јасен’ толку се работело незаконски што наследив долгови над 10 милиони денари. Влезе и Министерството за внатрешни работи за да ја контролира документација. Ова со платите се случува првпат овој месец. За минатиот месец се изборивме да земеме плата, но овој месец доспеаја извршители, нотари, сите долгови, и затоа овие 10 дена нема плата“, вели Зечевиќ додавајќи дека ова ЈП ангажирало 10-ина лица кои давале интелектуални услуги за 50-60 илјади денари месечно.
„Јасен“ има 48 вработени. Зечевиќ се надева дека од утре ќе има приливи и ќе има плати. На прашањето зошто наменските пари за репроцентри, префрлени од Министерството за земјоделство, завршиле за минатомесечните плати, вели:
„Сега се бориме. Претходно се трошело ненаменски. Правиме напори да го кренеме претпријатието. И службено возило не користам и сите чешми за трошење се затворени за да го фатиме курсот на нормално функционирање на претпријатието“.
Анита Салтировска