Одбележан Денот без автомобили во Скопје


Во рамките на „Европската недела на мобилност“ во Скопје денеска се одржа велосипедско дефиле под мотото „Комбинирај и движи се“, на кое се придужија заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули и евроамбасадорот Самуел Жбогар.

Велосипедистите тргнаа од Порта „Македонија“ и возеа  до Школка во Градскиот парк, каде следеше забавна програма, а повеќе среќни добитници преку лотарија добија велосипеди, тротинети и велосипедски реквизити, како симбол на користење на алтернативни превозни средства.

Макрадули им порача на учесниците да возат внимателно и го поздрави нивното присуство на настанот.

– Убаво е да се види дека ве има во толку голем број, многу поголем за разлика од претходната година. Го запревме сообраќајот за еден час и тоа е доволно добро, истакна Жбогар.

Љубица Јанчева, претседателката на Советот на Град Скопје наведе дека повеќе од 2.600 градови учествуваат оваа година на Европската недела на мобилност

– Целта на Европската недела на мобилност е отстранување на проблемите што моторните возила ги предизвикуваат во градовите и повторното враќање на просторот на луѓето – пешаците и велосипедистите, како и на јавниот превоз, нагласи Јанчева.

Таа посочи дека активностите на Град Скопје при организирање на Европската недела на мобилност се забележани во рамките на Европската унија.

– Поради што Градот Скопје веќе неколоку пати се вбројува меѓу првите 10 градови по обемот и квалитетот на активностите, понатаму се потенцираат одредени проекти, кои се даваат како пример за добра пракса, наведе Јанчева.

Таа истакна дека во 2016 година, Град Скопје бил најуспешен и влеегол во најдобрите три града во борбата за првото место.