Ова е последниот нацист, ниту една држава не сака да го прими (ФОТО)


Полјакот Јакив Палиј (94), еден од последните нацистички соработници и чувар во „работен логор“ во Полска за време на Втората светска војна, каде во еден дел се убиени 6.000 Евреи, не сакаат да го примат ниту Германија, ниту Полска, ниту Украина и покрај барањата на семејствата на убиените Евреи.

Сојузниот суд во Њујорк пред 14 години му го одзеде американското државјанство и нареди негова депортација во Германија, Полска, Украина или која било земја која е подготвена да го прими.

Палиј сосема добро живее од пензијата во САД, вози велосипед и има божиќно венче на влезната врата.

Инаку, осуммина нацистички соработници од 2005 година, на кои им било наредено да ја напуштат САД, починале во земјата откако нивните матични земји и Германија во повеќе наврати одбиле да ги примат.

Група њујоршки конгресмени упатија писмо до државниот секретар Рекс Тилерсон, во кое бараат нешто да преземе пред Палиј да почине во земјата.

– На сите нам оваа ситуација ни е болна. Некој кој означува се што е спротивно на американските вредности на толеранција и поднесување жртви во борбата против злото, овде живее со години, изјави рабинот од Лонг Ајланд, раби Зев Фридман, кој за време на холокаустот изгубил 200 членови од поширокото семејство.

Со текот на годините, триесетина поранешни нацисти од САД заминале во Германија. Некои имале и германско државјанство, а некои побегнале пред да им биде одземено американското.

Меѓутоа, повеќето останаа на слобода, а само четворица се правно процесуирани.

Германија одби да прими низа американски државјани поранешни нацисти. Сега, во трка со времето, законодавците и еврејските групи го зголемуваат притисокот врз администрацијата на Доналд Трамп за Палиј да биде депортиран.

Законодавците им пишале на државните и правосудните оддели, а демонстранти редовно се собираат пред домот на Палиј, носејќи транспаренти на кои пишува „Неговите раце се извалкани со крв“.

Барањата за депортација на Палиј го забрзаа одговорот на федералните функционери. Во октомврисдкото писмо на Кирстен Гилибранд до Сенатот, Стејт департментот соопшти дека повторно поднел барање до владите на Германија, Полска и Украина, но тоа било одбиено.

Томас Лаздгерди, специјален пратеник за прашања за холокаустот во Стејт департментот, рече дека американски дипломати со години тоа прашање го поставуваат на канцеларката Ангела Меркел и други високи функционери. Тој оцени дека и членовите на Конгресот и Белата куќа би требало да се обединат по прашањето за депортација на Палиј.

– Ќе биде тешко, освен ако со ова прашање не се занимава повисоко ниво на власт, за тоа да се реши, изјави тој.

Палиј одби да ја коментира ситуацијата.

Палиј во 2003 година за „Њујорк тајмс“ изјави дека бил присилен на служба во „работен логор“ и дека не учествувал во убиствата. Германски функционери на американските колеги им рекле дека ќе примат само некои поранешни нацисти, кои имаат германско државјанство или оние кои германските власти кривично ги гонат.

Палиј не е Германец. Роден е во полско село, кое се наоѓа на територија на денешна Украина.

Меѓутоа, адвокатот Нил Шер, кој беше на чело на Канцеларијата за посебни истраги од 1982 до 1994 година, тврди дека Германија има обврска да ги прими оние кои им служеле на поранешните германски власти.

– Само еден збор паѓа на ум кога се бара објаснување зошто Германија не сака да ги преземе тие луѓе – дволичност. Повторно измислуваат глупави причини зошто не сакаат да примат лица кои извршиле злосторства во име на германскиот народ, изјави Шер.