Објавена книгата „Утехи“ од Сенека


Книгоиздателството „ВиГ Зеница“ од Скопје ја објави книгата „Утехи“ од римскиот филозоф, писател и драматург Лукиј Анеј Сенека. Преводот од латински е на Билјана Чаловска-Караевска.

Станува збор за три текста што во вид на епистоли (писма) ги напишал староримскиот мислител, секое од нив именувајќи го Утеха. Своите философски писма на утехи ги адресирал до три различни личности. Првото до Маркија, ќерката на римскиот историчар Аул Кремуриј Корд доблесно посветена на татко си до самиот крај на неговиот живот, второто до благородниот Полибиј, советник за литература на римскиот императорот Клавдиј и третото утешно писмо „до мајката Хелвија“…

Сенека се смета за најзначајниот претставник на римската гранка на филозофската школа на стоицизмот. Зад себе оставил дела од филозофијата, етика, дела од областа на географијата, физиката и природните науки, сатири и осум трагедии кои во подоцнежните векови извршиле големо влијание врз делото на Шекспир како и на авторите од француската драмска книжевност…

Пред книгата „Утехи“, исто така во превод на Биљана Чалоска-Караевска и во издание на „ВиГ Зеница“, пред неколку години беше објавена книгата со уште два философски списа од Лукиј Анеј Сенека: „За спокојството на душата и До Паулин – За краткоста на животот“.