Обновено- Русија протерува 60 американски дипломати, затворен и Конзулатот на САД во Санкт Петербург


Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека Москва ќе протера 60 американски дипломати и ќе го затвори американскиот Конзулат во Санкт Петербург.

Лавров нагласи дека американскиот амбасадор во Русија бил „информиран за мерките“ додавајќи дека „бројката на протерани е иста како и на САД“.

– Наша мерка ќе биде и укинување на дозволата за работа на американскиот Конзулат во Санкт Петербург, изјави Лавров.

Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека Москва прогласила за персона нон грата 58 вработени во Амбасадата на САД во Москва и двајца од Генералниот конзулат во Екатеринбург заради „активности несоодветни за нивниот дипломатски статус“.

Американските претставници треба целосно да ја ослободат зградата на Козулатот во Санкт Петербург до 31 март. Протераните дипломати треба да ја напуштат Русија до 5 април.

Вашингтон претходно, протера 60 руски дипломати и го затвори рускиот Конузлат во Сиетл.

Лавров најави дека и кон другите држави кои протерале руски дипломати ќе бидат преземени реципрочни мерки.

– Кон сите држави кои протераа руски дипломати ќе бидат преземени реципрочни мерки со протерување нивни дипломати од мисиите во Русија, и тоа е се засега, изјави Лавров.

Повеќе од дваесет пет земји досега објавија протерувањето на повеќе од 120 руски дипломати поради нападот со нервен агенс врз двојниот шпион, Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија, на 4 март.

Покрај членки на ЕУ, протерување на руски дипломати најавија и Канада, Украина, Норвешка и Австралија. НАТО одлучи да протера седум руски дипломати од мисијата на Русија во Алијансата.

Сергеј Скрипал и неговата ќерка беа нападнати со нервен агенс во Салисбури на 4 март. Британија ја обвинува Русија дека е одговорна за нападот.