(ОБНОВЕНО) Британскиот Парламент го отфрли Договорот за Брегзит


Долниот дом на британскиот Парламент вечерва со 391 глас „против“ и 242 гласа „за“ вторпат го отфрли Договорот за Брегзит, што претставува нов тежок удар за обидите на премиерката Тереза Меј за регулирано истапување на Велика Британија од ЕУ.

При првото гласање на 15 јануари, „против“ Договорот се изјаснија 432 пратеници, а 202 беа „за“.

Повеќето од евроскептичните пратеници, кои се изјаснија против документот, изјавија дека „правно обврзувачките“ промени во Договорот, што вчера ги постигнаа Меј и претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер и кои предвидуваа заштитен механизам за „ирската граница“, не биле „доволно убедливи“.

Во обраќањето до пратениците пред вечерашното гласање, Меј ги повика да го поддржат Договорот, нагласувајќи дека во спротивно е можно Велика Британија да остане во ЕУ.

– Работата е јасна… Оние кои сакаат да дојде до Брегзит, мислам дека треба да знаат оти ако вечерва не го усвоиме овој Договор, ризикуваме Брегзитот воопшто да не се случи, истакна Меј.

Главен спорна точка во Договорот за евроскептичните британски пратеници беше одредбата за „ирската граница“, која предвидуваше статусот на границата меѓу членката на ЕУ, Република Ирска и британската покраина Северна Ирска да остане ист каков што е сега и за време на преодниот период по Брегзит, што би требало да трае до крајот на 2020 година и во кој треба да се најде конечно решение.

Тврдокорните приврзаници на Брегзитот, пред се во редовите на Конзервативната партија на Меј, не се согласуваат со ваквата одредба во Договорот, бидејќи стравуваат дека со тоа Велика Британија би можела да остане „врзана за ЕУ, можеби и на неопределено време“.

По вечерашното гласање, Меј изјави дека „длабоко жали“ поради одлуката на Долниот дом на Парламентот.

Меј нагласи дека и самата имала дилеми околу Договорот, но дека била свесна за „потенцијалната штета“ со која може да се соочи Велика Британија доколку ја напушти ЕУ без регулирани идни односи.

Таа порача дека ако Парламентот прифати одлагање на Брегзит, тогаш ЕУ ќе сака да знае што Лондон сака да постигне со таквото барање и дека пратениците сега се наоѓаат пред „тежок избор“ што понатаму.

Лидерот на опозициската Лабуристичка партија, Џереми Корбин, пак оцени дека вечерашното гласање покажало оти „Владата претрпела пораз со големо мнозинство“ и ќе мора да прифати оти „нејзиниот Договор“ нема поддршка во Парламентот, па затоа побара одржување предвремени избори.

Портпарол на Советот на ЕУ изјави дека Унија жали поради исходот од гласањето во Долниот дом на британскиот Парламент, нагласувајќи дека Брисел не може ништо повеќе да направи за да и помогне на премиерката Меј за да обезбеди ратификација на Договорот,

Тој наведе дека ЕУ е разочарана што британската Влада не успеа да обезбеди мнозинство за Договорот за Брегзит.

– Од страна на ЕУ ние направивме се што е можно за да и помогнеме на премиерката да постигне Договор. Ние не можеме да направи ништо повеќе. Ако постои решение за моменталниот застој, тогаш тоа треба да се бара во Лондон, истакна тој.

Портпарол на Европската комисија, пак, изјави дека државите членки на ЕУ се подготвени да разгледаат евентуално барање на Велика Британија за одлагање на британското истапување од Унијата.

– Ако има основано барање од Велика Британија за одлагање на Брегзит, 27-те држави членки на ЕУ ќе бидат подготвени да го разгледаат и да донесат едногласна одлука, изјави портпаролот.