Обвинителство изврши увид на сообраќајката на патот Прилеп-Градско


Надлежен јавен обвинител од ОЈО Кавадарци изврши увид на местото на сообраќајната несреќа на патот Прилеп-Градско, во која животот го загуби едно лице.

Како што соопшти Обвинителството, според првичните сознанија, до несреќата дошло при директен судар на патничко такси-возило „мерцедес“ со скопски регистарски таблички и товарно возило „волво“ со велешки таблички.

Во несреќата животот го загубил возачот на такси-возилото, додека неговите две сопатнички со тешки телесни повреди се префрлени на Клиничкиот центар во Скопје. Возачот на товарното возило и неговиот сопатник не се повредени и со нив веднаш разговарал надлежен јавен обвинител.

Со цел утврдување на причините за несреќата, издадена наредба за обдукција на телото на починатиот, прибрани се сите траги и материјални докази од лице место, а ќе биде наредено и сообраќајно вештачење.