Обвинет во „Тврдина – таргет“ призна вина


Еден од обвинетите „Тврдина – таргет“ врз основа на признание на вина е осуден на условна казна затвор во траење од шест месеци доколку во рок од две години не стори друго кривично дело. Лицето е осудено за делото „Помагање на сторител во извршено кривично дело“. Обвинетиот барал раздвојување на постапката со цел побрзо завршување, економичност и целисходност.

Од СЈО, не го откриваат идентитетот на обвинетиот на негово барање. Единство што може да се каже е дека лицето било одговорно за бришење на логови од системите за прислушување, што го потврди и експертот од компанијата „Ериксон“.

„СЈО го поддржува секој придонес за утврдување на фактичката состојба и од таму се надеваат дека ова признание на вина ќе придонесе за целосно расветлување на обвинението кое се однесува на начинот на кој се спроведувало масовното прислушување во УБК, како и уништувањето на опремата за прислушување“, се наведува во соопштението од Специјалното јавно обвинителство.

Предлогот за раздвојување, како што се додава, бил истакнат од страна на СЈО, при што се имал предвид интересот на обвинетото лице за побрзо завршување на постапката, како и економичноста и целисходноста на постапката.

Во споениот предмет „Таргет – Тврдина“ обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во притвор во Грција, како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков и шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски.