Обвинетите спасувале, рецитирале, породувале…


Какви терористи? Сите биле угледни луѓе кои пред Собранието рецитирале и пееле, пратеници кои махинално мавтале со рацете и не давале знак да се отвори вратата на Собранието за да влезе толпата, полицаец кој го спасил животот на пратеникот Зијадин Села и министер кој безбедно ги евакуирал луѓето што биле внатре во Собранието, вечерта на 27 април.
Ова се тврдењата на одбраната на обвинетите за крвавиот четврток. Нивните адвокати ги убедуваа судечкиот совет и јавноста дека поранешниот министер за внатрешни работи, кој ја водеше акцијата критичниот ден, Митко Чавков, пратеникот Љубен Арнаудов, поранешниот твитерџија и сега член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Богдан Илиевски, полицаецот Абдулфетам Алими, актерот Владо Јовановски, пратеникот Љупчо Димовски, оперскиот пејач Игор Дурловски, се луѓе кои спасувале животи, а не терористи. Адвокатот на Митко Чавков, Сашо Дуковски уште и порача дека неговиот клиент требало да се награди, а не да се казни.

„Чавков треба да се награди, а не да се казнува“, рече Дуковски бидејќи негова е заслугата за безбедно евакуирање на луѓето што биле во Собранието.
Тој се повика и на упатството според кое, наводно, не се држел Чавков и не ангажирал полициски сили.
„Покрај Чавков, тука се наведени уште двајца, министерот за внатрешни работи и началникот на специјалните полициски сили, па затоа е нејасно како Чавков е избран како најголемиот ѓавол, а другите двајца се изземени“, вели Дуковски.
Дуковски вели дека целиот настан бил завршен за еден час и дваесет минути. „Што требало, да се телепортираат полицајци за да се заврши порано, или ќе имало 100 мртви ако полицијата употребила прекумерна сила“, заклучи Дуковски.
Адвокатот кој ги брани обвинетите Љупчо Димовски и Мунир Пепиќ даде интересно толкување зошто Димовски е невин. Според него, Димовски махинално направил гестикулација со рацете, а не дал знак да се отворат вратите во Собранието. Според адвокатот Еленко Миланов, тоа било единствен доказ против пратеникот Димовски и затоа тие обезбедиле снимки од негови јавни настапи со кои ќе докажуваат дека пратеникот механички ја направил таа гестикулација.
„За ова не бев свесен сè до јавната седница во Апелација кога забележав дека Димовски има навика така да ги движи рацете. За ова судот ќе се увери од снимките што ги доставивме, односно дека тоа го прави махинално и воопшто не е свесен за тоа“, рече Миланов.
За оперскиот пејач Игор Дурловски, Миланов тврди дека не стапнал во прес-салата во Собранието, туку бил само присутен во пленарната сала и холот, каде што немало насилство, па затоа не може да се гони за тероризам.
Адвокатот Дончо Наков главниот акцент во своите воведни зборови го стави на опишувањето на личноста на своите клиенти, Љубен Арнаудов, Богдан Илиевски, Владо Јовановски и Абдулфета Алими и порача дека тие делото тероризам го сториле со зборови.
Пратеникот Арнаудов го опиша како човек гинеколог кој направил 15.000 породувања, пратеник кој во Собранието бил избран со сериозно мнозинство и голем углед во Охрид. За Владо Јовановски рече дека нема човек што не го знае.
„Тој е нормален човек со кредити кои не се мали, патриот и емотивен тип“, рече Наков.
Богдан Илиевски бил архитект кој успеал 65 дена на протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“ да не се случи никаков инцидент и човек кој своите ставови ги изразувал преку колумни и говори пред Собранието.
Алими, пак, го опиша како голем професионалец кој го спаси животот на Села. Токму Села ја дал својата куќа како гаранција дека Алими нема да бега.
Процесот за крвавиот четврток, во кој им се суди на 33 обвинети, пратеници, високи функционери на МВР и организатори на иницијативата „За заедничка Македонија“, почна во средата. Главен судија во овој случај е Добрила Кацарска, а обвинителка Вилма Русковска. Обвинителката завчера го прочита обвинението според кое, Чавков се товари дека иако знаел дека во Собранието е загрозен животот на новинарите и на пратениците не издал наредба за распоредување на дополнителни и специјални полициски сили. Обвинетите пратеници им ги отвориле вратите на граѓаните во Собранието, а организаторите на протестите држеле потпалувачки говори.
Фросина Факова – Серафиновиќ