Ноќеска доаѓа дожд од метеори


Секоја година кон средината на август паѓа метеорски дожд, а тој природен феномен повторно ќе се случи ноќеска. Дождот од т.н. Персеиди, односно метеорски роеви, е специфичен по метеорите кои се многу „поогнени“ и посветли од типичните.
Оваа година се очекува вистински спектакл на небото, имајќи предвид дека во време на овој метеорски дожд месечината ќе биде млада, па нема да има никакво друго осветлување на небото. Од НАСА соопштуваат дека секоја година Персеидите го прекриваат небото кога Земјата се разминува со кометата Свифт Татл. Ситни парчиња од кометата се судруваат со нашата атмосфера и на тој начин сочинуваат „огнени топки“. Спектаклот почна на 14 јули и трае до 24 август, а својот максимум го достигнува во периодот од 16 часот на 12 август до четири часот на 13 август.
НАСА напоменува дека доколку некој сака да ја набљудува таа појава, метеорите можат да се видат каде било на небото. Зависно во кој временски период се набљудува спектаклот, метеорскиот дожд може да биде поинаков. Доколку небото се набљудува околу 22 часот, се гледаат помали метеори, но со подолги „опашки“.
Според Американската метеорска заедница, најдобро е овој феномен да се следи утре изутрина околу четири часот. Кога ќе го достигне својот максимум, дождот од Персеиди може да содржи меѓу 50 и 100 метеори на час. Персеидите, инаку, се наречени според соѕвездието Персеј, од каде што се појавуваат.