Норвешка двојно ќе ја зголеми финансиската помош за Македонија


Кралството Норвешка во наредниот период двојно ќе ја зголеми финансиската поддршка за Република Македонија, информирал норвешкиот амбасадор Арне Бјорнстад за време на денешната средба со претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев.

Како што информираат од владината прес-служба, амбасадорот Бјорнстад го информираше премиерот Заев дека поголемиот дел од средствата од ова значително зголемување на учеството на Норвешка во охрабрувањето на политиките на земјата, ќе бидат насочени кон формирање фонд за социо-економски развој на неразвиените региони во Република Македонија.

– На средбата со премиерот Заев, амбасадорот на Норвешка истакна дека дел од финансиските средства ќе бидат наменети и за процесите за подготовка на земјата за членството во НАТО и Европската Унија, како и во поддршката на интеретничките аспекти во образованието што во Република Македонија се спроведуваат преку организацијата Нансен дијалог центар, се посочува во соопштението.

Амбасадорот Бјорнстад и премиерот Заев разговарале и за актуелни политички прашања во Република Македонија и во регионот. Норвешкиот амбасадор, се додава, истакна дека Кралството Норвешка со внимание ги следи настаните и дека изразува честитки за досегашниот реформски процес во клучните области во земјата, како и за придонесот на Владата на Република Mакедонија за напредокот во решавањето на прашањето за името на нашата земја.

Амбасадорот Бјорнстад особено ја истакнал заложбата на Владата за соработка и за инклузивност во овие процеси со опозицијата.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев се заблагодари за досегашната исклучително добра соработка со Кралството Норвешка, како и за поддршката што Република Македонија ја добива од оваа земја во реформите дома, како и во евро-атлантските интеграции, стои во соопштението.