Нон-пејперот – студен туш или мотив плус?


По објавувањето на документот на Франција и Холандија, Тетовското крило на Беса тврди дека се разоткрил лажниот оптимизам на Владата за евроинтегративниот процес.

Нон-пејперот на Франција и Холандија, во кој се наведува дека Македонија и Албанија не ги направиле потребните чекори и не успеале да ги исполнат ветените реформи и поради тоа двете земји не треба да добијат датум за преговори, беше студен туш за овдешната јавност. Ова е и во спротивност со последните оптимистички изјави на европскиот комесар за проширување Јоханес Хан, кој во неколку пригоди оцени дека во јуни очекува Европскиот совет да даде зелено светло и да започнат пристапни преговори со Македонија.

Според тој документ, Франција и Холандија стојат цврсто на ставот дека Македонија сѐ уште не направила конкретни реформи во правосудниот систем, во администрацијата, која останува под политичко влијание, но и недоволната борба против криминалот и корупцијата.

Албанскиот политички кампус е со поделени ставови.

Скопското крило на Беса, чиј лидер е Африм Гаши, за „Независен весник“ вели дека тие како партија се исклучително заинтересирани за Македонија да ги спроведе потребните реформи и да се одблокира евроатлантскиот процес. Според портпаролот на ова крило на Беса, Орхан Муртезани, во момент кога до нив ќе пристигне официјален документ, тој ќе биде разгледан од партиските тела и потоа ќе изградат официјален став.

Тетовското крило на Беса на Билал Касами има серија критики. Потпретседателот Абдуш Демири ни изјави дека од оваа влада може да се забележи само оптимизам, но не и конкретни резултати и дека владиниот план 3-6-9, всушност, речиси и да не постои.

„Освен искажаниот оптимизам, во конкретниот план не може да се видат радикални промени во насоката на реформите кои се очекуваат за да имаме вистински институции, владеење на правото и правниот систем, ефикасна јавна администрација и транспарентно управување со државните институции. Планот 3-6-9, освен како документ, во реални услови воопшто и не се гледа. Оваа влада целата своја политика и капацитет го вложи во решавањето на прашањето за името, заборавајќи ги политичките предуслови за пристапување во ЕУ“, истакна Демири.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу има поинаков став и вели дека нон-пејперот е неофицијален документ кој треба да претставува поттик повеќе за Македонија со побрзо темпо да ги направи бараните реформи, но и да го реши спорот за името со Грција.

„Нон-пејперот не е официјален став бидејќи тој став Холандија и Франција и другите земји членки на ЕУ треба да го претстават пред Европскиот совет. Забелешките што ги имаат може да ги претворат во негативен одговор за датум за преговори, а тој датум е условуван со консензус во ЕУ. Овој нон-пејпер може да се оцени како забелешка, но и охрабрување за нас и за Албанија за да се завршат реформите. Не е за изненадување ставот на Франција бидејќи претседателот Макрон ги најави нив, но не верувам дека ако се надмине спорот со Грција, тие ќе го блокираат процесот“, оценува Муслиу.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ тврди дека нон-пејперот ја демаскирал владата на Зоран Заев и ги урнал лажните ветувања на премиерот. Поради неспроведувањето на реформите, партијата на Христијан Мицкоски побара оставки од министерот за надворешни работи Никола Димитров, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, министерот за финансии Драган Тевдовски и за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, како и министрите за здравство и економија Венко Филипче и Крешник Бектеши.

Во врска со проблемот со името се огласи и претседателот на Косово, Хашим Тачи. Тој во прошталната средба со амбасадорот на Македонија во Приштина, Илија Страшевски, изрази надеж дека конечно ќе се реши 27-годишниот спор околу името со Грција. „Конечното решение на спорот со името меѓу Македонија и Грција, но и зачленувањето на Македонија во НАТО ќе значат траен мир и стабилност во регионот“, изјави Тачи.

Блерим Исмаили