Нов рекорд за Лувр со над 10 милиони посетители во 2018 година


Лувр, најпознатиот музеј во светот, ја надмина бројката од десет милиони посетители во 2018 година, неспоредлива за еден меѓународен музеј на ликовна уметност и антиквитети, јави дописникот на МИА.

– Првпат во историјата на музеите, повеќе од десет милиони луѓе го посетија Лувр во 2018 година, изјави директорот на Лувр, Жан-Лук Мартинез.

Со 10,2 милиона посетители, Лувр забележа зголемување на посетеноста од 25 отсто во споредба со 2017 година (8,1 милиони) и го урна својот рекорд за посетеност (9,7 милиони во 2012).

Според Мартинез, рекордот е „ постигнат благодарејќи на враќањето на странските туристи во Париз”, по падот од 30 отсто во последните години поради терористичките напади. Исто така, посетеноста делумно се објаснува и со градежните зафати во последните две години кои го зголемија капацитетот на музејот.

Новина за оваа година е дека ќе има бесплатни посети на Лувр секоја прва сабота од месецот, но само во ноќните термини од 18 до 21,45 часот.