Нов инцидент со Боинг 737, на авионот му откажал моторот во воздухот над Русија


Авион од типот 737-800 морал итно да слета денеска на северозападот од Русија, во градот Сиктивкар, пренесува „Спутњик“. Според се уште непотврдени информации, причината за ова е откажувањето на моторот.

„Се случи вонредна состојба во Сиктивар. Во тек е истрага, според прелиминарните податоци, причина за итното слетување е дефект на моторот“, изјави портпаролот на Рускиот истражен одбор.

Авионот кој патувал од градот Мирни, кој се наоѓа на истокот од Русија, кон Москва, се наоѓа во аеродромот Сиктивкар, а патниците се безбедни и неповредени, изјавија од Рускиот истражен одбор.

Овој инцидент се случи откако шефот на „Росавиатсија“ Александар Нерадко изјави пред новинарите во четвртокот дека Сојузната агенција за воздушен сообраќај на Русија забранила летови на авионот Боинг 737 МАКС во рускиот воздушен простор на неодредено време.

Претходните денови голем број земји забранија летови од овој тип на авиони во својот воздушен простор, а голем број влади ги приземјија авионите Боинг 7373 Макс 8 по трагедијата во Етиопија, во која загинаа 157 патници и членови на посадата од 30 различни земји.

Оваа несреќа се случи по само пет месеци од уште еден трагичен настан, кога истиот модел на авион на компанијата „Лајон Ер“ се сруши во Индонезија.