Нов дебакл за Тереза Меј, Британскиот парламент го отфрли договорот за Брегзит


Британскиот парламент повторно го отфрли договорот за Брегзит кој премиерката Тереза Меј го постигна со Европската Унија.

Против договорот за условите за излез на Велика Британија од Европската Унија гласаа 391 пратеник, а во корист на договорот 242, пренесува „Би-би-си“.

На претходното гласање во парламентот кое се одржа на 15. јануари, против договорот гласаа 432 пратеници, а за гласаа 202.

Против договорот кој Меј го направи со европските челници во најголем дел беа застапниците на Конзервативната партија собрана околу Европската истражувачка група, како и владините колициски партнери од Демократската унионистичка партија од Северна Ирска.

Резултатот на денешното гласање значи дека британските пратеници утре ќе се изјаснуваат за тоа дали Велика Британија терба да ја напушти Европската Унија на 29. март без никаков договор.

Ако парламентот утре го отфрли и излегувањето од ЕУ без договор, тогаш на гласањето в четврток ќе се одлучува за тоа дали од Европската Унија ќе се бара одложување на Брегзитот за најмногу три месеци.