Ново помирување на Балканот: Ципрас и Ердоган ќе се обидат да ги рестартираат односите


Состанокот помеѓу грчкиот премиер Алексис Ципрас и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган е добар почеток за двете страни. Треба да започне подобрување во билатералните врски по период на силни противречности. Грците очекуваат од него позитивни резултати. Ова го изјави грчкиот аналитичар и новинар Спирос Сидерис, кој е основач и директор на Независната балканска информативна агенција ИБНА, во интервју за бугарската агенција БГНЕС.

„Разговорите меѓу двајцата лидери може да се сметаат за еден вид рестартирање на грчко-турските односи“, рече грчкиот експерт, кој во моментов е во Анкара за да ја проследи средбата.

„Европската иднина на Анкара е многу важна за Атина. Членството на Турција во ЕУ значи дека ќе имаме помалку проблеми со Турција, но, уште поважно, Турција мора да го признае Кипар“, рече Спирос Сидерис. Грција и Турција во моментов имаат многу отворени прашања за решавање – Кипар, островите и наоѓалишта на јаглеводороди во Егејското Море, муслиманите во Тракија и Грците во Турција, осумтемина турски војници кои добија азил во Грција по неуспешниот обид за државен удар против Ердоган. Ова се најважните прашања кои ќе бидат на агендата на разговорите меѓу Ципрас и Ердоган“, потсети Сидерис.

Тој се осврна на духовниот дел од посетата на Алексис Ципрас. „Првпат еден грчки премиер ќе ги посети Света Софија и островот Халки во Мраморното Море, кои се поврзани со нашата историја и тоа е од големо значење за нас како Грци. Може да го толкуваме како знак од претседателот Ердоган дека тој сака да ги подобри односите меѓу Анкара и Атина“, рече Спирос Сидерис.

Како што нагласи, најважен дел од посетата ќе биде вечерата на која, освен Ципрас и Ердоган, ќе присуствува вселенскиот патријарх Вартоломеј. Грчкиот премиер и турскиот претседател ќе разговараат за нафтоводот „Турски поток“ и за нејзиното продолжување од Турција до јужна Европа. Сидерис потсети дека, освен Бугарија, вториот дел од гасоводот може да минува низ Грција. „Атина многу сака ‘Турски поток’ да биде продолжен на грчка територија, но тоа не е сигурно дека ќе се случи. Причината е што претседателот Ердоган го поврза ова прашање со турското учество во енергетските проекти во источниот Медитеран и, поконкретно, крај Кипар и Егејското Море“, смета грчкиот новинар.

„Секако дека ќе биде начната и важната тема за наоѓалишта, рударството и транспортот на нафта и гас од источниот Медитеран – Грција, Кипар, Израел и Египет. Ердоган ќе бара да учествува во распределбата на тоа новооткриено енергетско богатство“, додава Сидерис.