Ново осветлување за индустриската зона во Момин Поток


Општина Карпош во февруари, оваа година постави ново осветлување во Момин Поток, електрична линија во должина од 1.400 метри, нови 30 дрвени столбови на кои се поставени 40 нови светилки. На денешната средба на градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев и директорот на Водовод и канализација, Душко Весковски, со стопанствениците, сопственици на фирми кои работат во оваа зона беа најавени повеќе капитални инфраструктурни проекти кои ќе се реализираат следната година.

Индустриската зона постои од 1964 година, посочи градоначалникот Богоев и најави изградба на подобра инфраструктура во овој реон, како нова водоводна мрежа и асфалтирање на дел од сервисните улици и тротоари.

Стопанствениците потенцираа дека овозможувањето на подобра инфраструктура е од особена важност, бидејќи тоа е еден од основните предуслови, кој ќе ги привлече и странските инвеститори.

Градоначалникот Шилегов најави повеќе капитални инфраструктурни проекти кои ќе се реализираат следната година. Станува збор за спојување на улицата „Љубљанска” со другиот брег на реката Вардар со мост, како и продолжување на булеварот „Словенија”. На овој начин ќе се намали и сообраќајниот метеж, но и ќе се овозможи поголема поврзаност меѓу урбаното подрачје во Карпош и периферијата која има сериозен потенцијл за развој.

Директорот на ЈП Водовод и канализација, Душко Весковски се осврна на новата водоводна мрежа која ќе се изведе на овој потег.

„Проектот ќе биде во вредност од 15 милиони денари, а целта е да обезбедиме услови за непречен раст и развој на индустриската зона во Момин Поток, напомена Весковски.