Нови 212 вработувања во Алкалоид, раст на добивката
„Алкалоид АД“ Скопје оствари позитивни финансиски резултати во периодот јануари – декември 2018 година, покажуваат неревидираниот единечен и неревидираниот консолидиран Биланс на успех.
Според единечниот Биланс на успех, во периодот јануари – декември, продажбите достигнуваат 7.506.114.294 денари, што е за 8% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 1.478.890.871 денари, бележи зголемување од околу 13%, единечната нето добивка изнесува 848.199.257 денари и истата е зголемена за 11%.
Во периодот јануари – декември, вкупните консолидирани продажби достигнуваат 9.783.285.973 денари, што е за 8% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 4%, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 10%, надминувајќи за прв пат износ од 100 милиони евра. Од вкупните консолидирани продажби, 37% се остварени на домашен пазар, додека 63% се остварени на странски пазари. Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 35%, во Русија и другите земји од ЗНД се остварени 6%, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 21% и на останатите пазари се остварени 1% од вкупните консолидирани продажби. Најзабележителен раст е остварен во Унгарија со продажби од 128.111.848 денари што е 4 пати повеќе од лани, потоа во Полска со продажби од 72.260.692 денари што претставува зголемување од 4 пати и Украина со продажби од 192.130.438 денари што претставува раст од 86% споредено со истиот период од минатата година. Кај извозните пазари пораст бележат и следните земји: Чешка раст од 62%, Грузија, раст од 51%, САД раст од 22%, Србија раст од 21%, Косово раст од 20%, Бугарија раст од 10%, Романија раст од 5%, итн.
Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот Фармација и тоа 85%. Од нив поголем удел имаат ОТЦ препаратите со 22%, Кардиолошките препарати со 17%, Антибиотиците со 14%, Невролошките препарати заземаат 13% од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот Хемија, Козметика и Билкарство учествува со 15% во вкупните консолидирани продажби или поточно Хемија учествува со 3%, Козметика со 9% и Билкарство учествува со 3%.
Консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која достигнува 1.555.516.762 денари бележи раст од 10%, додека нето консолидираната добивка во износ од 862.410.928 денари е зголемена за 7%.
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – декември 2018 година изнесуваат 1.081.736.913 денари што е претставува зголемување за 26% во однос на истиот период од 2017 година.
Во периодот јануари – декември 2018 година во Алкалоид се реализирани 212 нови вработувања во Република Северна Македонија.